Ексклузивен серијал на Вечер (2)

Ова е чешмата на Баба Ванѓа - местото каде таа ослепе и прогледа

"Сум дојден да ви кажам дека вие од денеска ќе помагате на светот. Како ќе помагам, јас сум слепа. Вие ќе бидете видовита и цел свет ќе ве знае засекогаш и вели го снема одеднаш непознатиот човек"

Васил Фуцков, внук на Баба Ванѓа

Приказната за чешмата на Баба Ванѓа во Ново Село се раскажува со години и за неа постојат неколку верзии, но вистинската ја има нејзиниот внук Васил Фуцков , а ја слушнал од неговата мајка која била единствениот сведок на чудната случка. Според неговото кажување, само неколку минути пред тој невообичаен настан Ванѓа и нејзината братучедка отишле до полето да однесат ручек на овчарите. На враќање, бидејќи било летно време и силна горештина, застанале кај чешмата да се разладат и да се напијат вода, во тој момент се појавил силниот ветер.

,,Тие биле двете со мојата мајка. Мојата мајка и она се први братучетки, од брат и од сестра деца. Однеле на овчарот ручек и враќајки се тука застанале на таа чешма да се измијат оти било жешко, миејќи се тука на таа вода се појавил силен ветер. Тоа било спида голема, ја завил многу неа, а шамијата и ја дига горе високо. Само и рекла на мајка ми: "Софе ми отидоа очите." Мајка ми почнала да ја прашува: "што се случи Ванѓе, што се случи" и ги измила очите, ја качила на магарето и ја однела дома. Поминало некое време и ја однеле во Штип во дом за слепи, немало таму ништо помош, па ја однеле во Загреб кај брат и Томе, но и таму не бидело ништо и таа се враќа,, раскажува Васил Фуцков – внук на Баба Ванѓа.

Чешмата каде го изгубила видот

Откако не успеале да најдат лек за да и го повратат видот семејството ја враќа Ванѓа во Ново Село. По враќањето таа доживеала уште една невообичаена случка, кога среде бел ден пред неа се појавил непознат човек кој и рекол дека од тој ден таа ќе започне да му помага на светот.

,, Ми вели си седам дома, на пладне беше тоа, ми дојде еден човек и ми рече добар ден. А јас го прашав кој сте вие, тој одговорил Свети Јован. Што така, а тој рекол јас сум дојден да ви кажам дека вие од денеска ќе помагате на светот. Како ќе помагам, јас сум слепа. Вие ќе бидете видовита и цел свет ќе ве знае засекогаш и вели го снема одеднаш. После некое време кога била војната загинал некој нивни близок комшија. Некои се вратиле од војната, а него го немало. Таа им рекла на неговите, не плачете, наложете го огнот и подгответе еден котел вода да се згрее, полн е со вошки, ќе дојде, на пат е. За кратко време тој човек доаѓа, а луѓето се увериле во тоа што го кажала.,, вели Васил внукот на Ванѓа.

Старата куќа на Баба Ванѓа во Струмица

Чешмата која денеска е позната како чешма на Баба Ванѓа се наоѓа на излезот од Ново Село на магистралниот пат кој води кон границата со Бугарија. Пред неколку години од општина Ново Село чешмата беше покриена со настрешница, а просторот околу неа комплетно уреден. До самата чешма се доаѓа по убаво уредена пешачка патека. Во непосредна близина се наоѓаат и неколку летниковци кои служат за одмор на туристите кои во последно време ги има во се поголем број и од повеќе различни држави.

Ванѓа со маж и Димитар Гуштеров

Според кажувањата на Васил, внукот на Баба Ванѓа некои од нив овде застануваат при одење или враќање од Бугарија, но имало и такви кои доаѓаат специјално за чешмата, да го видат местото за кое слушнале, но и да наполнат вода бидејќи веруваат дека има лековити својства.

Зоран Ѓеоргиев

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари