Отворен ден со граѓаните на Струмица за правна поддршка на семејства со ниски приходи

Денеска во периодот од 11 до 12.30 часот на Плоштад „Гоце Делчев“ во Струмица, Македонско здружение на млади правници во рамки на Проектот „Мобилни тимови за правна поддршка на поединци и семејства со ниски приходи“, финансиски поддржан од Европска Унија, ќе спроведе „Отворен ден со граѓаните на Општина Струмица“, а во периодот од 13 до 16 часот ќе спроведе и теренска посета на населените места с. Добрејци, Просениково, Дабиље.

Целта на „Отворениот ден со граѓаните на Општина Струмица“ е од промотивен карактер и запознавање на граѓаните со формираниот мобилен тим составен од двајца адвокати и двајца правници, кои ќе обезбедуваат директна правна помош на населението од Југоисточен и Вардарски регион. Заинтересираните граѓани на Општина Струмица кои ќе пријават определен правен проблем, ќе имаат можност од мобилниот тим да добијат директен правен совет или правна информација.

Правната помош ќе се обезбедува со теренски посети во рурални и исклучени средини од Југоисточен и Вардарски регион, каде живеат поединци и семејства со ниски приходи, кои поради социјалната исклученост не можат да остварат низа од своите права во различни правни области, од социјална и здравствена заштита, преку присилно извршување и правото на сопственост па до заштита на права од работен односи и заштита од дискриминација. Теренските посети ќе се одвиваат во определени денови најмногу два пати месечно, во периодот заклучно со јули 2019 година.

Проектот „Мобилни тимови за правна поддршка на поединци и семејства со ниски приходи“ поддржан од ЕУ, а спроведуван од МЗМП во партнерство со Правниот информативен центар Љубљана, Р. Словенија, цели кон зајакнување на пристапот до правда на најранливи категории граѓани со што ќе придонесе кон правно зајакнување, подобрување на законодавството и имплементација на постоечките механизми кои се однесуваат на пристапот до правда.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари