logo
logo
logo

Османи: Силна поддршка од Луксембург на европскиот пат за Северна Македонија

Vecer | 10.02.2021

Османи: Силна поддршка од Луксембург на европскиот пат за Северна Македонија

Работната посета на Луксембург, министерот за надворешни работи Бујар Османи, ја започна со средби со претседателот на Собранието, Фернанд Етген и претседателот на комисијата за надворешни работи во Собранието на Луксембург, Кручтен Ивес.

Од МНР велат дека на средбите била потврдена конзистентната и силна поддршка на Луксембург во полза на европската перспектива на Северна Македонија, преку континуирана поддршка на реформските процеси.

„Вложивме многу во овој процес, што нѐправи, како земја, подготвени за преговорите по поглавја за целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Луксембург е еден од најважните и постојани поддржувачи на нашата интеграција во ЕУ и ние високо ја цениме силната и гласна поддршка што доаѓа од кај вас, на сите нивоа“, истакна Османи.

Соговорниците размениле мислења и за сојузништвото во НАТО, при што станало збор за актуелните домашни, регионални и меѓународни теми, како и за ангажманите и заложбите на нашата држава за обезбедување стабилност и сигурна иднина на нашиот Регион. Во тој контекст, биле поздравени впечатливите активности на Северна Македонија на планот на унапредувањето на добрососедските односи.

Османи имаше и настап пред претставниците на Собранието и на Комисијата за надворешни и европски прашања, соработка, миграции и азил.

Во продолжение на еднодневната работна посета на Луксембург, Османи ќе се сретне со својот домаќин, министерот за надворешни и европски работи и министер за имиграција и азил на Големото Војводство на Луксембург, Жан Аселборн.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk