Османи: Потребна е синергија меѓу власта и граѓанскиот сектор на патот кон ЕУ

Во рамките на националната трилатерална конференција насловена „Евроинтеграциите на Македонија и иднината на Европската унија“, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи пред невладините организации, ја презентираше Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025-та година.

„Граѓанскиот сектор претставува нераскинлив дел од изградбата на демократско општество во Република Македонија и ние како Влада веќе создаваме услови за синергија меѓу Власта и невладините организации, нешто што секако во иднина планираме и да го интензивираме“, изјавил Османи пред почетокот на конференцијата, потенцирајќи го притоа потенцијалите кои ги отвора Стратегијата на Европската Комисија за зголемување на влијанието на невладините организации врз општествените промени.

Како што информираат од неговиот кабинет, Османи пред невладините организации ги презентирал клучните области од Стратегијата за кои Комисијата има предвидено шест, т.н. водечки иницијативи, и во кои се содржат детални акциски планови преку кои Европската Комисија планира директно да се вклучи во подготовката на земјите до Западниот Балкан за членство.

„За имплементацијата на акцискиот планови кои произлегуваат од овие иницијативи, Унијата предвидува значајно зголемување на сопствениот ангажман и присуство во земјите, но и значајно зголемување на средствата од ИПА наменети за земјите од Западниот Балкан, вклучувајќи ја тука и Македонија“, истакнал Османи пред присутните.

Во рамките на презентацијата Османи се осврнал и на потенцијалите на Стратегијата за остварување придобивки уште во пристапниот период, особено за бизнис секторот, преку зголемување на средствата за инфраструктура и кредитирање; за младите, преку удвојување на средствата до програмата Еразмус+ за учење и стекнување искуства во земјите членки на Европската Унија; но и севкупно, за сите граѓани, преку бројните мерки и иницијативи за поддршка на вработувањето, поддршка за здравството и образованието, укинувањето на роамингот и подобрување на севкупната комуникација итн.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари