Османи: Подобрувањето на условите за младите значи и нивно останување во државава

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, учествуваше на пуштањето во употреба на спортската сала во основното училиште „Перо Наков” во Куманово.

„Денешната промоција на оваа спортска сала, ја симболизира вистинската причина и цел на политиката – да создава подобри услови за сите граѓани на оваа земја. Фактот што со овој објект ги подобруваме условите за младите, претставува дополнителна придобивка за сите нас, и дополнителен поттик за нашата работа,” истакна Османи на почетокот од своето обраќање.

Османи меѓу другото посочи дека објектот е дел од поширокиот проект за изградба на 145 спортски сали, кои се финансирани од средствата обезбедени со кредит од Банката за развој при Советот на Европа, додека проектната документација е изработена со неповратните средства од ИПА фондовите.

„Исто како во училиштето „Исмет Јашари“ во Липково, или „Јероним ДеРада“ во Черкези, Кумановско, вистинско задоволство е кога присуствувам на настани на кои се промовира унапредувањето на условите за образование на граѓаните, за спортување, затоа што е тоа најдобриот начин да им обезбедиме успешна иднина на младите овде во земјава”, истакна Османи, посочувајќи дека само оваа година, веќе трет пат присуствува на положување на камен темелник или отворање на нов образовен објект во овој регион.

„Европската Унија, секоја става на располагање преку 100 милиони евра годишно, неповратни средства, пари на даночните обврзници на земјите – членки на Унијата, кои овие средства, наместо во нивните земји, одлучиле да ги дадат за проекти со кои ќе се трансформира нашето општество, со цел и ние полесно да ги достигнеме стандардите на нивните општества“, вели Османи, додавајќи дека со напредокот во процесот на европските интеграции, особено со подготовките за почеток на преговори и самите преговори за членството во Европската Унија, овие средства и овие активности значително ќе се зголемат, што ќе овозможи подобри услови за инвестиции и бизнис, за економски развој и повеќе работни места, средства што ќе овозможат и поквалитетно и подостапно здравство, подобро и поквалитетно образовани, и воопшто, поквалитетни услуги на државата.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари