logo
logo
logo

Османи на средба со Столтенберг во седиштето на НАТО

Vecer | 11.02.2021

Османи на средба со Столтенберг во седиштето на НАТО

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари посета на седиштето на НАТО, каде што имаше средба со генералниот секретар Јенс Столтенберг, известуваат од МНР.

„За мене лично, денешната посета на НАТО е повеќе од симболична. Ова е моја прва официјална средба тука по преземањето на функцијата предводник на дипломатијата на Северна Македонија и не верувам дека е игра на случајност, но денешниот ден се совпаѓа со ратификацијата на Северноатлантскиот договор во Собранието, со што се потврди цврстата, едногласна и суверена одлука да бидеме денес 30-та полноправна земја членка на алијансата, а тоа е навистина убаво чувство – да се биде и официјално дел од најважната политичко-воена алијанса на светот“, истакна Османи.

Според информациите од Министерството, Османи и Столтенберг разговарале за активностите на Република Северна Македонија во насока на заокружување на процесот за целосно интегрирање на земјата во структурите на НАТО, финализација на правната рамка, ратификување на договорите што произлегуваат од нашето членство во организацијата и други активности што произлегуваат од тоа.

На средбата, велат од МНР, биле разменети и мислења за политичко-безбедносната состојба во регионот и пошироко, како и за нашето учество во натамошните планови и активности на алијансата.

Според МНР, се разговарало и за актуелните состојби поврзани со пандемијата на Ковид-19, при што заеднички била констатирана потребата од тесна соработка во рамките на НАТО и со земјите членки во справувањето со оваа глобална криза.

„Особено сме благодарни до сите земји членки и партнери што обезбедија помош за нашата земја. Тоа го цениме како висок степен на солидарност, како клучен принцип врз кој се темели НАТО“, нагласи Османи.

Османи е во дводневна билатерална посета на Луксембург и Белгија со цел презентација на европското досие на Северна Македонија.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk