logo
logo
logo

Османи на министерски состанок за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес

Vecer | 08.06.2021

Османи на министерски состанок за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на министерскиот состанок за надворешни работи во рамките на германското претседателство со Берлинскиот процес за 2021 година. Со состанокот претседаваше германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.

На средбата се дискутираа актуелни прашања поврзани со европската перспектива на Регионот во пресрет на јунските Совети на ЕУ, како и повеќе аспекти на регионалната соработка. Министрите разговараа за начинот на имплементирање на Повеќегодишниот акциски план на заедничкиот регионален пазар кој е во синергија со Економскиот и инвестицискиот план на ЕК, кои имаат голем потенцијал за заживување на регионот и се во функција на понатамошно подготвување на земјите од Западен Балкан кон нивната идна интеграција во заедничкиот внатрешен пазар на ЕУ. Тековните процеси на подготовка на регионални договори за признавање на професионални и академски квалификации и слободно движење и работа во регионот како и иницијативата за проширување на зелените коридори со ЕУ, беа тема на дискусија меѓу министрите како проекти кои можат да донесат повеќеслојни бенефиции за сите наши граѓани.

„Поминавме долг пат и заедно постигнавме значителни резултати во областите на меѓусебна соработка – да бидеме економски, политички, безбедносно и социјално поврзани. Агендата за поврзаност, што беше во сржта на процесот, еволуираше во меѓусебната поврзаност во многу поширока смисла, надвор инфраструктурната. Вклучувањето на земјите од Западен Балкан во активен и динамичен пристапен процес целосно ќе ги ангажира општествата во создавање на нови вредности, напредок и позитивна конкуренција.Регионалната соработка, станува сè поважна-да се демонстрира сопственост и заедничко политичко лидерство. Ние сме релативно мали економии, но заедно сме силни. Фактот дека имаме наши разлики и различни ставови, не ја исклучува далеку поблиската соработка во сите секторски области поврзани со ЕУ“, истакна Османи.

Tој се осврна на минатогодишното заедничко претседавање со Бугарија со Берлинскиот процес, како позитивен пример на добрососедство и билатерална соработка, што кулминира на Софискиот Самит од кој произлегоа повеќе иницијативи и се отворија нови полиња за соработка во Регионот. Османи на состанокот ја претстави идејата на Северна Македонија за размена на млади дипломати во Регионот насочена кон поврзување и зајакната соработка на следната генерација дипломати во Регионот, а со цел кон натамошно помирување, градење доверба и рушење на меѓусебните бариери. Исто така, информираше и за неодамнешната иницијатива за отпочнување на неформална платформа за политичка соработка– Балкан 6 (Б6) во формат на министри одговорни за надворешни работи, наменета за продлабочување на соработката и врските меѓу земјите од регионот во области од заеднички интерес.

„Искуството покажа дека кога се консултираме едни со други пред разни состаноци, имаме поголемо влијание врз прашањата од наш заеднички интерес. Искрено верувам дека одржувањето на редовниc состаноци и координација ќе станат правило, а не исклучок меѓу нас“, нагласи Османи.

Покрај министерот Османи, на состанокот учествуваа министрите, учесници во процесот од земјите од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора и земји членки на ЕУ: Aвстрија, Бугарија, Грција, Италија, Полска, Словенија, Франција, Хрватска, како и Обединетото Кралство, а свое обраќање имаше и еврокомесарот за проширување и соседски политики, Оливер Вархеи.

Германското претседателство продолжува со напорите за испорака на натамошни резултати во однос сите иницијативи започнати во рамките на Берлинскиот процес кои треба да се презентрираат на Берлинскиот Самит закажан за 5 јули оваа година, а со кој ќе претседава германската канцеларка Ангела Меркел, информираат од кабинетот на Османи.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk