logo
logo
logo

ОЈО бара притвор за двајца кафеански насилници

Vecer | 21.02.2021

ОЈО бара притвор за двајца кафеански насилници

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување на истражна постапка против двајца жители на Скопје, на возраст од 19 и 28 години, за кои постои основано сомнение дека го сториле кривичното дело „насилство“ од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како што информира Јавното обвинителство, осомничените вчера околу 19:30 часот во просториите на угостителскиот објект „Трибека“ во Скопје, малтретирале, грубо навредиле и ја загрозиле сигурноста на две лица, со што во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.

– Осомничените заедно со еден од оштетените влегле во објектот, седнале на маса и го повикале второто оштетено лице да им се придружи. Откако оштетениот им се придружил, еден од осомничените веднаш започнал со тупаници да го удира по лицето. На ваквите дејствија се спротивставило лицето кое заедно со нив влегло во објектот, но осомничените почнале и него да го удираат со тупаници по лицето и носот, нанесувајќи му тешки телесни повреди. Веднаш потоа, еден од осомничените изреволтиран од зборувањето по телефон на една од гостите, започнал вербално да ја навредува, го одзел нејзиниот телефон и го скршил, а потоа започнал да го крши и инвентарот во угостителскиот објект, се наведува во соопштението.

ЈО додава дека во насока на натамошно непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлози за определување на мерка притвор за осомничените.


© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk