logo
logo
logo

„Охрид СОС“: Вeднаш да се повлече одлуката за сечење на дрворедот на улицата Јане Сандански

Vecer | 28.02.2021

„Охрид СОС“: Вeднаш да се повлече одлуката за сечење на дрворедот на улицата Јане Сандански


Активисти на Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ побараа веднаш да се повлече одлуката за сечење на дрворедот на улицата Јане Сандански, најавено за утре.

Активистите бараат и Општина Охрид да го објави целосниот проект за реконструкција на улицата со неколку сценарија, како и еднаш засекогаш да запре уништувањето замаскирано како некаква реконструкција и „во согласност со закон“.

Oд „Охрид СОС“ порачаа дека ова не е првпат да се уништуваат здрави децениски дрвја на оваа улица. Напротив, велат од иницијативата, ова е само повторување на повеќедецениска практика во градот – синоним за реконструкција на некоја улица да биде деструкција на повеќегодишни дрвја.

„Ваквите одлуки се носат без апсолутно никаква консултација со јавноста. На ниеден начин не се охриѓани вклучени во процесот и транспарентно информирани за плановите за да може да дадат свој коментар или забелешки. Во Архуската конвенција чијшто потписник е и Македонија, јасно се утврдени правата поврзани со одлуки кои ја засегаат животната средина: процес на сеопфатна консултација е задолжителен, транспарентна комуникација со граѓаните е задолжителна ако сакаме навистина да бидеме земја која ги почитува демократските начела и која го штити владеењето на правото.

Во објава од 26.2 2021 година, на службената интернет страница на Општината има само едно штуро соопштение неколку дена пред изведување на градежните активности. Јавноста е ставена пред свршен чин. Општината не понудила ни идејно решение, ни визуелизација. Јавноста не знае што освен „промена на водоводната азбестна линија“ ќе значи таа реконструкција. Дали ќе има дрворед од двете страни на улицата, како некогаш? Какви садници ќе ги заменат овие дрвја кои се сега? Дали воопшто ќе се засадат дрвја? Зошто има потреба од отстранување на дрвјата? Дали ќе има велосипедска патека од двете страни, како на другите улици или повторно ќе се паркираат возила на едната страна? Иако општината се фали дека била најтранспарентна во југозападниот регион, според делата воопшто не делува како таква.

Кога се сечеа дрвјата на „Туристичка“ кај ОУ „Григор Прличев“ на секторот Паркови и зеленило при ЈП „Охридски комуналец“му предочивме дека законите мора да се почитуваат и сугериравме во иднина пред секоја интервенција да се соопшти во јавноста зошто се сече, дали може да се дислоцираат стеблата без сеча, ако се болни да се обезбедат конкретни докази, да се поткрепат одлуките за сечење и со фотографии и со видео. Но, како што гледаме, македонските институции не се нималку заинтересирани да си ги исполнуваат обврските и да работат во најдобар интерес на граѓаните.

Пандемијата требаше да нè научи дека себичното и агресивно експлоатирање на природата на крај доведува до уништување на човекот. Но, не може да очекуваме дека тие лекции ќе ги научат моќници што профитот го ставаат пред здравјето на сите нас.

Во предизборната програма на градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески – еден од првите приоритети беше „Спроведуваме еколошки мерки, обезбедуваме чиста животна средина и зачувување на природата, зашто таа е клучна за нашиот регион и за здравјето на граѓаните“. Откако ја доби привилегијата да биде градоначалник на Охрид покажа дека е уште еден во долгата низа нечесни и непринципиелни политичари кои дрско манипулираат со потребите на граѓаните. Покажа дека е уште еден од збирштината обични лицемери што не бираат средства за да ги задоволат своите бескрупулозни амбиции и немаат никаква почит кон природата“, велат од „Охрид СОС“.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk