logo
logo
logo

“Огнената група“ во ДУИ бара СМЕНА НА АРТАН ГРУБИ

Vecer | 24.09.2022

“Огнената група“ во ДУИ бара СМЕНА НА АРТАН ГРУБИ

„Огнената група“ официјално ја започна битката внатре во ДУИ. Тие испратија писмо до лидерот на партијата Али Ахмети, барајќи остранување на Артан Груби од позициите, кои ги има моментно, и наведувајќи дека во последните две години во партијата не постојат и не се формирани партиски тела, додека донесувањето одлуки станало индивидуална сопственост.

„Огнената група“ во ДУИ е се помасовна група на „внатрешно-партиски дисиденти“- незадоволници со сериозно влијание во партиските редови. Водечки личности во „Огнената група“ се партискиот потпретседател Изет Меџити, поранешниот министер за правда Блерим Беџети, Садула Дураку, поранешниот вицепремиер и други високи и влијателни партиски функционери.

Телевизијата „Шења“ и други медиуми на албански јазик, го пренесуваат „Писмото“, кое „Огнената група“ му го испрати на Али Ахмети и во кое се истакнува: „Имајќи ја предвид организациската состојба, создадена во ДУИ во период од две години, должни сме да го кренеме гласот и да реагираме… ДУИ е партија … со внатрешни консултации, без индивидуални привилегии и со статутарни органи. Дефинитивно мора да ја вратиме таму каде што и е местото.“

„Констататираме: ‘Во ДУИ речиси две години не постојат и не се формирани партиски органи! Поради тоа, политичкото одлучување стана индивидуална сопственост. Нема расправа и консултација со партиските бази. Кадровските избори станаа привилегија на Артан Груби! Нема одговорност за работата на Владата и политичката програма близу две години! Поради нефункционалноста на организацискиот живот во ДУИ се намалува поддршката за партијата (последните избори во Тетово)!“

„Концентрацијата на политичката, програмската и кадровската моќ на поединецот, арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби и исклучувањето на заслужните структури од политичкото одлучување предизвикаа незадоволство, револт и пасивност на структурите и гласачите!“

„Поради овие причини бараме од претседателот на ДУИ Али Ахмети да ги искористи своите политички и статутарни овластувања за изнаоѓање решение за зачувување на партиското единство. Бараме политичка расправа внатре во партијата за надминување на оваа состојба, како и одговорност и полагање сметка од страна на носителите на извршната власт“ – се нагласува во писмото, кое „Огнената група“ му ги испрати на лидерот на Али Ахмети, поправо повторувајќи го своето барање уште од пред извесно време: да се отстрани Артан Груби од позицијата, што ја има во ДУИ, но и од позицијата, која ја има во Владата.

„Писмото“ на „Огнената група“ упатено до Али Ахмети до овој момент содржи потписи од 20 раководни и други високи функционери на ДУИ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk