logo
logo
logo

Одржана свечена академија по повод утрешното чествување на Свети Климент Охридски

Vecer | 07.12.2022

Одржана свечена академија по повод утрешното чествување на Свети Климент Охридски

По повод утрешниот црковно-државен празник Свети Климент Охридски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), Даријан Сотировски и поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан вечерва организираа свечена академија во Музејот на македонската револуционерна борба.

Свечената академија ја отвори хорот „Свети Климент Охридски“ со изведба на химната на Република Северна Македонија и тропар на Свети Климент Охридски од Трајко Прокопиев.

– Празнувањето на големите државни празници, како и празнувањето на големите црковни празници пред сè е секогаш причина, проникнувајќи во нијансите на безвременското значење и порака на празничниот ден да размислиме и да се сетиме на применливоста на истото во нашето време, на затскриените можности и на пулсот на животот кој секогаш и по правила надминува една генерација. Ова денес е ден за нашата татковина, за секој Македонец ширум светот, но и нашите браќа од христијанските земји, запирајќи за момент да изразат достојна почит искрена благодарност и да ја утврдат одново својата молитвена посветеност кон големиот Свети Климент Охридски, нашиот закрилник, темелот на славната и древна Охридска архиепископија и патронот на современата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, порача Сотировски во своето поздравно обраќање.

Обраќање имаше и ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски, кој истакна дека Свети Климент Охридски е закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја.

– Неслучајно по него е именуван и Богословскиот факултет, нашата највисока црковно-просветна институција. Во име на сите професори и студенти да потсетам на неговата скоро полувековна историја, указот за прогласување на уредбата за основање на Богословскиот факултет во Скопје беше објавен на 8 декември 1977 година, па така деновиве се навршуваат точно 45 години од неговиот почеток. Повеќе години беа потребни да се оспособат наставничките кадри и да се стекнат со соодветни знаења, со соодветни звања на разни богословски центри во земјата и светот за да може факултетот од 1 јануари 2009 година да стане придружна членка на УКИМ во Скопје, вели Јанкуловски.

Архиепископот охридски и Македонски г. г. Стефан во своето обраќање порача дека само патот што ни го покажал спасителот, само тој пат доаѓа од Бога и води кон Бога.

– Тој пат на вистинската вера, на неисцрпната надеж и на неизмерната љубов на нашите простори го покажал уште апостолот Павле, а потем во црковното рановековие по него оделе, а и другите ги подучувале по него да врват бележити црковни дејатели од нашите краишта, од кои некои дури и се удостоиле да бидат учесници на значајни црковни собири уште во четвртиот и петтиот век. Во шестиот век, пак, евангелскиот пат бил покажуван преку првата организирана самостојна црква на нашите простори Јустинијановата архиепископија, позната како Јустинијана Прима, вели тој.

Најголемото осветлување на патот, како што истакна г. г. Стефан, води во вечен живот се случило по сеопштото упатување на нашите предци во втората половина на деветтиот и првата половина на десеттиот век и тоа најмногу благодарение на неуморното црквољубно и домољубно дело на великанот од нашиот род Свети Климент Охридски.

– И ако за Христа е речено дека тој донел се ново во светот, за Св. Климент е правилно да речеме дека тој тоа христово се ново го обзнанил и го пренел за многуброен, богожеден народ. Па токму неговото незаменливо дело овозможило нашите предци конечно да го соблечат стариот и да се облечат во нов човек, создаден според образот на својот создател во вистинска праведност и светост, вели г.г. Стефан во своето обраќање.

Обраќање имаше и професорката д-р Емилија Црвенковска, редовен професор на УКИМ, која порача дека е несомнено оти Свети Климент е фигура со огромно значење за сиот словенски свет. Свечената академија беше затворена со „Химната на Свети Климент“ од Кирил Македонски, „Гласом моим“ и „Богородице прилежно“ од Александар Архангелски, „Сеј ден“ од Дмитриј Боршњански и „Многај лета“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk