Основниот кривичен суд Скопје ја информира јавноста дека главната расправа по предметот познат како „Моќник“ насрочена за денеска се одлага заради смртен случај кај еден од обвинетите.

Следното рочиште е закажано за 17. мај.

За евентуални промени во термините за расправа, странките и јавноста ќе бидат благовремено информирани, соопшти основниот кривичен суд Скопје.

Во случајот „Моќник“ се обвинети пратеникот Антонијо Милошоски и уште 12 лица. Милошоски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за измама. Прво и второобвинети во случајот се таткото на пратеникот Милош Милошоски и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Меѓу обвинетите има и членови на некогашната Лустрациска комисија.

Според обвинението, Милошоски се товари дека како пратеник вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото.

„Во текот на 2011 година прво и второобвинетиот заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на Општина Македонски Брод со лажно прикажување и со прикривање факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување недвижен имот за кој советниците сметале дека е поранешниот задружен дом, а всушност одобриле отуѓување зграда со корисна површина од 157 м2 со дворно место од 3.920 м2 во с. Ижишта, општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница, соопштија од Обвинителството“, стои во обвинителниот акт.

makfax.com.mk