logo
logo
logo

Одбраната на Јордан Камчев тврди:

Лиле Стефанова користејќи приватен маил незаконски прибавувала докази за ,,Плацевите на Водно’’

Vecer | 25.10.2021

Лиле Стефанова користејќи приватен маил незаконски прибавувала докази за ,,Плацевите на Водно’’

Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев на денешното рочиште во случајот „Плацеви на Водно“ пред судот, изнесе детали и докази за, како што велат, незаконско постапување на обвинителката Лиле Стефанова,  во процесот на прибавување докази и побара соодветниот доказ да не се изведува додека не се отстранат сите правни пречки. Во спротивно, нагласи одбраната, ќе треба да се работи со доказ кој е нелигитимен и нелегален.

Одбраната тврди дека обвинителката Стефанова, преку својата приватна мејл адреса остварила кореспонденција со Министерството за правда на Република Кипар, за да добие меѓународна правна помош, но при тоа целосно ја нарушила процедурата за прибирање докази согласно член 5 и член 6 од Законот за меѓународна соработка во кривична материја.

– Како основна незаконитост на ова постапување е што Лиле Стефанова за истото воопшто не го известува Министерството за правда на Република С.Македонија, како надлежен орган туку истото го прескокнува и надвор од сите процедури и спротивно на законот, од приватна мејл адреса, се обраќа до Министерството за правда на Република Кипар – појасни одбраната на Камчев.

Користењето на приватен мејл за службени цели, како што беше речено на судското рочите, кога се работи за носители на јавни функции е целосно незаконско и секоја сериозна држава има санкции кои ги спроведува за ваков тип на постапување на лице на функција.

– На овој начин, обвинителката Стефанова, покрај незаконското постапување директно го става во највисок степен на ризик и работењето на државните институции, тајноста и професионалноста на нивното работење на ниво на загрозување на националната безбедност. Покрај тоа, нарушувајќи ја процедурата за комуникација, спротивно на законот, Лиле Стефанова побарала докази без замолница која е основен акт врз основа на кој може да се прибават докази од замолени земји, а во спротивност, прибавените докази се сметаат за нелигитимни бидејќи нема законски основ на кој истите се прибавени. Во доказите доставени до одбраната, замолницата како основен документ воопшто не е приложена – тврдат адвокатите.

Според нив, доказ дека кореспонденцијата е извршена со нарушување на сите процедури и на целосно нелегален начин е и тоа што не е направен писмен запис кој по однос на замолница или друга документација која е примена по електронски пат или друг начин на комуникација согласно Законот за меѓународна соработка во кривична материја, член 6, став 6 се составува и се презентира. Таков писмен запис, вели адвокатот Еленко Миланов, спротивно на законот, ниту е составен, ниту е презентиран, ниту во оригинална форма е доставен и по редовна пошта.

Обраната во случајот „Плацеви на Водно“ на рочиштето изнесе докази дека оригинална форма не недостига само од овој документ. Сите докази кои се доставени во судот од страна на обвинителството и се разгледуваат се во форма на фотокопија што е недозволиво и несвојствено, бидејќи нема прифатливо објаснување за непостоење на оригиналот.

– Во овој случај се поставуваат и прашања кои директно задираат во автентичноста на оригиналот на документите, доколку тие воопшто постојат, а со тоа се става  под знак прашалник и веродостојноста и легитимноста на фотокопиите од документите кои се користат како  докази во постапката. Како дополнителен доказ за обидите на Лиле Стефанова да подметне и приложи незаконски докази е и тоа што барањето за меѓународна правна помош се однесува на друго лице. Ваквото постапување на Обвинителката Стефанова во овој случај не е ниту прва ниту нејзина единствена грешка која таа ја сведува единствено на ,,техничка’’ – беше речено од страна на одбраната на судското рочиште.

Адвокатите истакнаа дека „овие неслучајни, континуирани и нетехнички грешки, како што велат, само го докажуваат насилието кое продолжува од страна на Обвинителството и нарачаното постапување на Стефанова, кое покрај незаконско, нелигитимно и целосно тенденциозно, преминува и во размери на ризично по однос на работењето на државните институции и безбедноста на државата во целост“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk