logo
logo
logo

Од натпросечни ДО ПОГОЛЕМИ ОД МИНИСТРИТЕ - Објавени платите на владините советници (ФОТО)

Vecer | 24.01.2023

Од натпросечни ДО ПОГОЛЕМИ ОД МИНИСТРИТЕ - Објавени платите на владините советници (ФОТО)

Натпросечни приходи се до приходи повисоки од плата на министер за советник и соработник на премиерот Димитар Ковачевски. Толку земаат оние кои премиерот и владата ги избрале да бидат на овие позиции.

Ги има речиси 25 соработници и советници, но и 15 надворешни експерти. Владата се реши да ги објави и со список и примања и истите се јавно достапни.

На листата има многу познати имиња за јавноста, како на пример Зоран Верушевски, советник за национална безбедност. Тој добива месечен хонорар од скоро 75.000 денари и е повеќе платен од дел од министрите чии примања во просек се движат од 68 до 88 илјади денари, колку што зема премиерот.

 

Љубе Бошковски, како советник за странски инвестиции и Аксел Ахмедовски за правни прашања имаат по 57 илјади денари владина плата. Глигор Бишев, Ванчо Узунов, Исмет Ррамадани, Еднонд Адеми, Антон Чаушевски се само дел од надворешните советници чиј месечен хонорар изнесува 36,000 денари.

Во тимот на премиерот за комуникации и односи со јавност ангажирани се претежно поранешни новинари. Платите – далеку над новинарскиот просек – 55.268 денари.

Зголемување или намалување на јавните плати ќе има кога ќе се донесе Законот за плати. Предлогот предвидува – за иста позиција вработените во јавниот сектор да имаат иста плата. Според министерката за труд, со овој закон ќе се воспостави ред во администрацијата.

– Сега имаме различни плати за иста работа во различни институции. Целта на овој закон е во секоја дејност, во секоја област да воспоставиме граница на највисока плата и да не може од таа плата да се оди погоре, а согласно највисоката плата надолу за останатите работни места согласно сложеноста на работа да им се пресмета платата. Да ставиме еднаш засекогаш ред во јавниот сектор, не може директор на јавно претпријатие да зема поголема плата од претседателот на држава или, пак, директор на јавно претпријатие да зема поголема плата од министерот кој му е надлежен во таа област, изјави министерката Тренчевска.

Сојузот на Синдикати пак, остро реагираше околу предложеното решение, кое ќе ги укине колективните договори, а околу 140 илјади јавни службеници ќе бидат казени ако одат на одмор или обука затоа што ќе земаат само основната плата, без додатоци за минат труд. Исто така, додатоци ќе има ако институцијата во која работат има пари.

Во предлог законот е наведено дека платите ќе бидат хиерархиски подредени, а највисока ќе зема претседателот на државата, чии примања во момнетов изнесуваат 93,000 денари. За вработените во јавниот сектор ќе се утврди работното место со бодови, чија вредноста ќе ја утврдува Собранието.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk