Меѓу Македонија, Србија и Албанија од први јануари 2023 нема да има граници и движењето на граѓаните и превозниците ќе биде слободно. Ова го договорија премиерите на Северна Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ на Еконосмкиот форум кој денеска се одржува во Скопје.

Како што кажа српскиот претседател Александар Вучиќ трите земји во наредниот период ќе работат на остварување на оваа идеја со што ќе се олесни протокот на луѓе, но и на стоки и услуги.

„Нема да има застанување од Белград до Тирана и обратно. Граници ќе има, но нема да има застанување за нашите граѓани. Тоа ќе биде историски момент. Ќе имаме еден систем преку кој ќе се разменуваат информации. Знаете ли што значи ова, колкави ќе бидат придобивките кога превозниците на стока нема да мора да чекаат на граничните терминали. Ние секако дека сме на европскиот пат, но не сме глупави ниту наивни дека некој ќе работи во полза на нашите земји доколку тоа ние сами не го правиме “, рече Вучиќ во обраќањето на Економскиот форум.