logo
logo
logo

Очекувано: ПО СМЕНАТА ВИЛМА РУСКОСКА, АРАФАТ МУАРЕМИ - Е НЕВИН

Vecer | 09.06.2023

Очекувано: ПО СМЕНАТА ВИЛМА РУСКОСКА, АРАФАТ МУАРЕМИ - Е НЕВИН

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), ги затвори предметите против поранешниот директор на Управата за финансиска полиција (УФП) Арафат Муареми и вработени истражители бидејќи било утврдено дека не постои основно сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела.

„Истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК извршија увид во документацијата на сите 415 предмети и констатираа дека дел од предметите, иако се по пријави од 2018, 2019 и 2020 година, сè уште се водат како предмети во работа, а поголем дел од предметите се препратени на надлежно постапување во други инспекторати, МВР и други институции. Во предметите што биле затворени е содржана службена белешка од која може да се утврди на кој начин предметот е затворен или препратен во друга институција. Од сето погоре наведено, предметниот обвинител утврди дека наводите во пријавата дека УФП не преземала соодветни дејствија по предметите и не ги известувала надлежните јавни обвинителства и другите засегнати институции не соодветствуваат со фактичката состојба“, велат од ОЈО ГОК.

Во истата пријава за Муареми имало наводи и дека направил кривично дело примање награда за противзаконито влијание, но и за тоа ОЈО ГОКК утврдило дека нема основи на сомнение.

„Од доставеното вештачење и анализа на содржината на одземената компјутерска опрема е утврдено дека документите и компјутерските податоци немаат поврзаност со конкретниот предмет. Така, од собраните докази и деталното разгледување на сите анонимни пријави, не произлезе основано сомневање дека пријавениот со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал или на друг начин влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши, а за посредувањето да примил награда или друга корист“, додаваат од Обвинителството.

Вториот предмет што го затвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бидејќи проценило дека сомнежи за вина кај Муареми и истражители е во однос на кривична пријава за неколку дела: злоупотреба на службената положба и овластувања, малтретирања во вршење на служба, насилство и примање поткуп. Станува збор за случај кој го пријави лице од Дебар, а за да дојде до заклучок дека нема сомнежи за вина кај Муареми и истражителите, од обвинителството велат дека ги сослушале и двете странки, како и 16 сведоци.

„Прибраните докази упатуваат на тоа дека пријавените постапувале во рамки на нивните законски овластувања по поднесена анонимна пријава до УФП и имале за цел да утврдат дали е сторено кривично дело што се гони по службена должност, а чие откривање и документирање е во надлежност на УФП. Управната постапка за поништување на решението за легализација за која станува збор во пријавата е во надлежност на Управниот суд и истата сè уште не е завршена“, велат од ОЈО ГОК.

Во однос на тоа дека имало поткуп, односно дека пријавувачот од Дебар давал пари на инспектор од Управата, од ОЈО ГОКК сметаат дека тоа не е точно бидејќи според нивната анализа на кои базни станици се наоѓале телефони на наводниот оштетен и инспекторот, испаѓа дека двајцата никогаш не биле заедно.

„Во однос на наводите дека пријавените сториле кривично дело примање поткуп, пријавениот инспектор во својата одбрана ги негираше тврдењата опишани во кривичната пријава и истите се потврдени со анализа на телефонската комуникација и движење по базни станици на телефонските броеви на пријавениот и пријавувачот. Притоа е утврдено дека за период од една година, двата телефонски броја не се регистрирани на исти или приближно исти базни станици што упатува на заклучокот дека исказот на пријавувачот не може да се потврди“, појаснуваат од таму.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk