Објавен првиот извештај од мониторингот на медиумското претставување на Референдумот

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го објави Првиот извештај од мониторингот на медиумското претставување на референдумот 2018, којшто се однесува на периодот од 10 до 18 септември 2018 година. Во него се прикажани наодите за начинот на кој медиумите известуваа за референдумските теми во дневно-информативните емисии, во информативните програми, во интервјуата и дебатите.

Со примерокот се опфатени по два телевизиски и радио канали на Јавниот радиодифузен сервис (Македонско радио 1, Македонско радио Програма на албански јазик, МРТ1 и МРТ2 – Програма на албански јазик), сите телевизии со дозвола за емитување на државно ниво без оглед на средството на пренос (терестријалните – Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител и Телма; сателитските – 24 Вести, Сонце и Наша; и кабелските – 1 ТВ, Компани 21-М, Клан Македонија и Шења). Од националните приватни радија со примерокот е опфатен Канал 77 зашто другите две немаат информативна програма. При тоа, анализирана беше вкупната 24-часовна програма со акцент на централната дневно-информативна емисија и другите програми во кои се третираше референдумот.

Резултатите од мониторингот покажаа дека во услови кога немаше јасни и еднакво активни линии на агитација („ЗА“ наспроти „ПРОТИВ“ и/или „БОЈКОТ“) беше тешко радиодифузерите да се потпрат на известувањето од настаните за да ѝ обезбедат на публиката разновидност на гледиштата. Оттаму, посветеноста на некои од нив кон начелото еднакво да ги третираат различните гледишта може да се забележи во подготвеноста, во вестите да понудат ставови на аналитичари, политиколози, историчари, експерти во други релевантни области кои ќе им овозможат на граѓаните поцелосен и продлабочен увид во прашањата кои треба да ги имаат предвид за да донесат информирана одлука за референдумот.

Други медиуми, недостигот на разновидни гледишта во вестите го надополнуваа во посебните информативни програми каде настојуваа да обезбедат соговорници со спротивставени ставови.

Кај третата група медиуми, разновидноста на ставовите недостигаше и во вестите и во посебните информативни емисии.

Извештајот е достапен на веб страната на Агенцијата www.avmu.mk.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари