МПЦ ЌЕ ПРИСУСТВУВА НА ПОГРЕБОТ НА БУГАРСКИОТ ПАТРИЈАРХ

Новиот бугарски патријарх треба да го продолжи коректниот однос кон МПЦ

Бугарската црква е една од оние кои нема проблем со терминот "Македонска", но сепак се противи на континуитетот на МПЦ со Охридската архиепископија, бидејќи Бугарија историски ја смета за своја црква

Архиепископот г.г. Стефан и митрополитот, Преспанско-пелагониски, г. Петар ќе ја претставуваат Македонската православна црква на денешниот погреб на бугарскиот Патријарх Максим, во Софија. Од останатите поглавари присуство најавиле Вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој ќе го отслужи опелото, како и грчкиот и албанскиот архиепископ, Јероним и Анастасиј. Присуството на македонската црковна делегација е резултат на коректниот однос што Бугарската црква го има кон МПЦ.

Патријархот Максим, а пред се дел од архиереите кои сега се најсериозни претенденти за негов наследник, секогаш имале коректен однос кон македонското црковно прашање. Бугарската црква е една од оние што нема проблем со терминот "Македонска", но сепак се противи на континуитетот на МПЦ со Охридската архиепископија, бидејќи Бугарија историски ја смета за своја црква. Сепак тој момент, за бугарските владици не е причина да се согласат на признавање на МПЦ како автокефална црква. Таков став, без претендирање да се меша во решавањето на македонско-српскиот црковен спор, имаат и бугарските владици, кои сега се меѓу најсериозните за нов патријарх. Меѓу нив е и митрополитот од Варна, Кирил, еден од највлијателните, а според верските аналитичари најверојатно и иден бугарски патријарх. Тој во 2007-мата, на верската конференција во Охрид, побара брзо решавање на македонското црковно прашање.

-Има начини... и мислам дека се повеќе и повеќе се постигнува согласност за да се реши ова прашање. И навистина не само да испиеме заедно кафе, туку многу повеќе значајно е да се причестиме од едната заедничка чаша, со крвта и телото Христово. Тоа е единството на светото православие. И јас се надевам дека тоа наскоро ќе се случи, изјави во 2007 во интервју за Вечер, варнанскиот митрополит г. Кирил, не сакајќи притоа да сугерира какво било решение. Тогаш рече дека МПЦ, треба решението да го бара во комуникација пред се со Вселенската патријаршија, но и со СПЦ.

Втор на листата сериозен кандидат за нов бугарски патријарх е русенскиот митрополит Неофит, кој има блиски пријателски врски со македонските владици. Токму со негова координација, но и со поддршка на видинскиот митрополит, Домитијан, монахињите кои го напуштија Вранишковски и неговата ПОА во 2007-ма, добија закрила во манастирите на БПЦ.

МПЦ И ПОДАРИ МОШТИ ОД СВЕТИ КЛИМЕНТ НА БПЦ
Македонската православна црква со синодска одлука од 2008 и подари на Бугарската црква честичка од светите мошти на св. Климент Охридски за новоизградениот храм Св. Климент Охридски" во Пловдив.

Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј и Брегалничкиот, г. Иларион лично заминаа да однесат дел од моштите во Бугарија, каде во присуство на голем дел од бугарските архиереи беше организирана свечена церемонија. За време на престојот, архиереите на Македонската православна црква, насекаде беа пречекани со братска љубов, со голема почит и благодарност, како од страна на претставниците на Бугарската православна црква, така и од државните претставници.

Марјан Николовски


Поврзани

Најнови вести

Коментари