Нови казни од МВР: Двајца активисти казнети со 100 евра за герила-акцијата во Театар Комедија

Љуми Бекири и Ирена Стерјовска, активисти на граѓанското движење „Протестирам“, се казнети со по 100 евра поради герила-акцијата во јуни 2015 година во Театарот Комедија на претставата „Лисистрата“ во која главната улога ја имаше поранешната директорка на театарот, Јелена Жугиќ.

Според решението од МВР, Бекири и Стерјовска се казнети за нарушување на јавниот ред и мир со викање, карање, непристојно и дрско однесување на јавно место.

„За време на одржување на театарската претстава ‘Лисистрата’ пријавените викале на висок тон, непристојно се однесувале попречувајќи ја претставата со маски на лицето и лепејќи плакати на инвентарот во театарот, со што ги вознемириле граѓаните и предизвикале негодување кај гостите“, пишува во решението од МВР.

Бекири појаснува дека прекршочната се однесува на пријавата на ексдиректорката на театарот и вели дека во ниту еден момент активистите не го нарушиле јавниот ред и мир, ниту, пак, оштетиле дел од инвентарот во театарот.

„Во знак на противење на мешањето на политичките партии во театарот и во уметничката сцена генерално, група активисти одлучивме на мирен начин да го изразиме нашето незадоволство од таквото менаџирање на театарот од страна на директорката. Околу 50 активисти, на претставата ‘Лисистрата’ со уредно купени карти се појавивме во барокни костуми и со налепници ‘Протестирам’. Кога бившата директорка која што ја играше и главната улога го забележа тоа ја прекина претставата на половина и почна хистерично да се однесува кон публиката и да ја слика истата. За да ја намалиме тензијата мирно ја напуштивме претставата, која потоа си продолжила, како што наведоа од официјалната страна на Театар Комедија тогаш“, вели Бекири за „Макфакс“.

Одговорно тврдам, додава тој, дека немало никакво гласно викање и нарушување на инвентарот на театарот, како што наведува бившата директорка во пријавата, а како доказ се повикувам на медиумите кои што беа присутни со нас додека сè ова траеше и сè беше снимено и пренесено на медиумите, така немало никакво нарушување на јавен ред и мир.

„Ние не сме одговорни за неспосбноста на Јелена Жугиќ да се справи со тоа дека во публика може да ти дојдат различни луѓе, облечени во различни работи. Уште помалку не сме должни да одговараме за нејзината неспосбност да се справи со тоа што е уметност и дека уметноста не смее да слуга на политичарите“, вели Бекири.

Пред неколку дена и активистот Александар Гочев беше казнет со 100 евра за фрлање боја врз Собранието. Лани, пак, исто така, за фрлање боја за време на протестите на Шарената револуција, со 50 евра беа казнети професорката Мирјана Најчевска, Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет и професрот на Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари