logo
logo
logo

Новески: Граѓаните заслужуваат вистинска и реална понуда како што е платформата `имаТ` и градоначалник кој обединува, почитува и исполнува

Vecer | 24.10.2021

Новески: Граѓаните заслужуваат вистинска и реална понуда како што е платформата `имаТ` и градоначалник кој обединува, почитува и исполнува

Независниот кандидат за градоначалник на општина Македонски Брод Ацо Новески во пресрет на вториот изборен круг од локалните избори вели дека првиот се реализирал генерално во фер, демократска и компетитивна атмосфера и дека голема придобивка е составот на идниот општински сoвет.  Место во советот обезбедија четворица независни советници, двајца советници од помалите политички партии, тројца советници од партијата на власт и двајца советници од опозиционата партија, а токму ваквиот плурален амбиент, вели Новески, а изразен преку составот на општинскиот совет е значајна придобивка во перспективите за развој на Македонски Брод.

„Во изборниот процес настапувам како независен граѓански кандидат, со голем тим на поддржувачи и во единствен сојуз со моите сограѓани. Во Македонски Брод и Порече, тој сојуз го чинат вредните и чесни луѓе, искрените пријатели, љубезните домаќини, работници од сите профили, стопанственици и интелектуалци. Сите тие го препознаваат изворниот карактер на проектите и платформата `имаТ`, го вреднуваат дадениот збор, го ценат односот и ги почитуваат заложбите за развој за родниот крај. Токму тоа – заедништвото, го одбележа првиот изборен круг во Македонски Брод. Создадовме заедничка визија, наведовме проекти и истакнавме вредности кои привлекуваат околу `имаТ` и тој тренд се надевам дека ќе продолжи за просперитетен Македонски Брод, вели Новески и додава дека е среќен што избирачите ги препознале разликите во пристапот.

 - Првиот круг на локалните избори во Македонски Брод се реализираше генерално во фер, демократска и компетитивна атмосфера. Настапивме со креативни форми и иновативни начини, со голема мотивација, истрајност и посветеност ги промовираме придобивките од платформата `имаТ`и ги истакнувавме разликите во пристапот. Избирачите потврдија дека сме успеале да ја пренесеме визијата, решенијата и проектите, а тоа всушност е најголемата придобивка во првиот изборен круг.

Македонски Брод и Порече покажаа дека се подготвени за остварлив граѓански концепт и преку резултатите од советничките листи. Место во советот обезбедија четворица независни советници, двајца советници од помалите политички партии, тројца советници од партијата на власт и двајца советници од опозиционата партија. Ваквиот плурален амбиент, изразен преку составот на општинскиот совет е значајна придобивка во перспективите за развој на Македонски Брод, појаснува Новески и додава оти  е задоволен што тимот на ’имаТ’ успеал да ја пренесе пораката и да допре до секој жител на општината, да ги слушне потребите и да охрабри дека има визијата и решенијата

- Во услови на лимитирани можности за медиумско претставување ние се насочивме кон креативни форми и иновативност во претставувањето на програмата и проектите. Со задоволство може да истакнам дека тимот на `имаТ` успеа да ја пренес пораката, да допре до секој жител на општината, да ги слушне потребите и да охрабри дека има визијата и решенијата. Настапуваме со слоганот `имаТ` што е оригинален, автентичен, топол потврден израз од поречието, а логото е дизајнирано во форма на печат – проверено. Објавивме неколку современи видео материјали, а интегралниот текст на платформата, прирачникот со проектите и останати материјали се поставени на официјалната интернет страница. Средбите со граѓаните се незаменливи, тие се искрени и средечни и тие даваат реална оценка дека `имаТ` потенцијал заемна доверба. Граѓаните потврдија дека го препознаваат позитивниот контекст и силно ја заверија довербата, a jaс ветувам дека нивните очекувања никогаш нема да бидат изневерени, вели Новески уште една потенцирајќи дека платформата `имаТ` е сеопфатна, и која покрај проектите во себе ги носи енергијата и вредностите.

- Граѓаните на Македонски Брод и Порече заслужуваат понуда што ја оправдува визијата за развој, а не листа на (ќе) желби најавени како проекти. Во продолжение ќе истакнам неколку проекти или области кои ги промовираме:

  • „квадрат +“ за нови урбанистички решенија и „создади за Брод“ за поттикнување на инвестиции во преработувачки капацитети за локален економски развој,
  • предвидуваме „интегрирано образование“ и здрав оброк за учениците, поддршка на „ученик со талент“ и „градинка во тренд“ со нови содржини и паралелки,
  • во спортот „комплекс Пролетер“ во Македонски Брод и слични проекти за дел од руралните средини, „спортски планер“ како тело кое ќе ги спроведе иницијативите во спортот,
  • предвидуваме обновено радио Македонски Брод, „Мултимедијална отворена сцена“ за културата со нови програмски содржини и активности за КУД,
  • со „Пријатели на Порече“ и „Локален економски совет“ ќе ги заживееме неформалните форуми за помош и за развој на општинските капацитети,
  • предвидуваме рационализација на трошоците со ново јавно претпријатие за градба и дополнително за зимска служба и услуги на жителите, што ќе придонесува за обнова на селски домаќинства со проектот „дедовото огниште најтопло грее“, поврзаност на селата и достапни усуги за пристоен живот во селата, појаснува Новески уште еднаш потенцирајќи дека со промоцијата на платформата `имаТ` акцент ставаат на тоа дека проектите не би имале смисла доколку не произлегуваат од потребите на жителите и доколку не создаваат вредности и позитивен општествен амбиент.

- Помошта на ранливи категории, на лицата во социјален ризик и решенијата за излез од сиромаштијата е нешто што особено ме инспирира да работам на овој план и со големо разбирање пристапувам наши сограѓани. Ние сме по устав социјална држава и обврска на државата е да се грижи за граѓаните во социјален ризик. Таа обврска на државата не зависи од поединците во одредни служби и институции и благонаклонетоста на власта – таа е гарантирана, а локалната самоуправа ќе помага во идентификување на потребите, правна помош и за достапност на услугите. Ќе ги поддржиме хуманите и хуманитарни активности за помош на граѓаните, затоа што среќата е важна компонента на нашиот заеднички успех.  Но уште повеќе, со голема посветеност работиме на проектот „имаТ за старт - нуклеус“ кој треба да овозможи средства, репроматеријали или фонд за почеток на одредена дејност во семејствата во социјален ризик и сиромаштија. Мојата заложба е овие семејства и поединци да станат одржливи, да придонесуваат и да остваруваат во местото на живеење. Тие секогаш ќе го имаат моето внимание, разбирање и поддршка и верувам дека заедно ќе се радуваме на секое поединечно остварување во животот, потенцира Новески.

Според него освојувањето  мандат за водење на општината единствено го разбира како укажана доверба и одговорност, а не како извојувана победа.

- Со платформата `имаТ` се промовира почитувањето, односно концепт во кој нема место за победници, губитници и триумфализам. Недозволиво е освојувањето на мандатот да се израмнува со победа, затоа што поделбата на победници и губитници е неспоива со концептот за обединувањето и почитување помеѓу граѓаните. Таа поделба подоцна раѓа триумфализам и антагонизам помеѓу граѓаните, а Македонски Брод и Порече се премногу мали за да бидат поделени. Со изборот за градоначалник се обврзувам на создавање на амбиент во кој комплетниот човечки, духовен и конструктивен потенцијал ќе биде насочен кон развој, поддршка и соработка. Улогата на градоначалник е да води, да го интегрира општинскиот совет, да работи за граѓаните и да создава автентични решенија. Граѓаните очекуваат да ги реализираме проектите за кои гласале, целсоно, навремено и одлучно, затоа што животот нема реприза. Само со таков пристап успехот на Македонски Брод е осигуран, појаснува Новески и уште еднаш, како што вели, без резерва им се обраќа на сите граѓани на Македонски Брод и Порече, искрено ја побара нивната поддршка и истакна оти очекува заедно да потврдат дека `имаТ` визија и решенија за Македонски Брод и Порече.

- Во претходниот период посветено работевме на подготовка на понуда за Македонски Брод и за Порече, за луѓето, за средината, за вистинските вредности, за сите нас. Таа понуда носи нови видици и нова енергија и се потпира на континуирана заемна доверба, почитување и охрабрување.  Граѓаните заслужуваат вистинска и реална понуда како што е платформата `имаТ` и заслужуваат градоначалник кој обединува, кој почитува и исполнува како што е Ацо Новески. Мудро и одлучно да избереме 86, да потврдиме за напреден Македонски Брод, за вечното порече, за заедничка визија, за реални проекти и за вистински решенија, завршува Новески.

 

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk