Во вестите на ТВ Телма во 18:30 гостуваше поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски кој ја коментираше најавената, но се уште необјавена во јавноста одлука за неопределено продолжување на изборниот ден на сите избирачки места, како што најави актуелниот претседател на ДИК Даштевски.

-Пракса и законско правило е секаде каде имало прекин на изборниот процес пократок од 3 часа, се продолжува времето на гласање за толку колку што било во прекин. Но не за сите избирачки места. Потоа секој кој што се нашол во просторот на избирачките места пред 19 часот односно крајниот термин за затворање на избирачките места, има право да го оствари своето гласачко право. Не ми е јасно како за оние што се во дворовите на објектите каде се избирачките места, ќе се знае дали се дојдени за гласање или не, рече Новаковски.

-Тоа може да ги забуни уште повеќе избирачките одбори. Исто така избирачите знаат дека се гласа и се доаѓа до 19 часот, а не подоцна, бидејќи така е законски. Лани поради пандемијата имаше уредба за парламентарните избори и продолжео време траење на гласањето како безбедносна мерка. Но тоа беше донесено многу порано, а не на изборниот ден. Сметам дека не е дозволиво на ден на избори да се носат ад-хок решенија. И дека ДИК ќе ги надмине сите проблеми во интерес на процесот, истакна поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски во разговор со новинарот на Телма, Павле Беловски.