Се додека Северна Македонија не ги исполни условите од договорот со Бугарија, ветото не треба да се укине и да се започнат преговори, изјави вицепремиерката и министерка за економија и индустрија на Бугарија, Корнелија Нинова за медиумите во Бугарија во врска со барањето на премиерот Кирил Петков да се свика седница на Совет за безбедност за Македонија, пренесе БГНЕС.
Таа вели дека според законот, Советодавниот совет за национална безбедност на претседателот мора да се состанува најмалку еднаш на секои 3 месеци.
- Поминаа трите месеци, па има законска основа, и објективно повторно, институциите да разменат информации и да ја потврдат одлуката од минатиот пат. Не ни е проблем, не е лошо секогаш да имаме седница, бидејќи таму се собираат сите парламентарни партии и служби, добро е да се разменуваат информации“, нагласи таа. .
Таа смета дека на седницата треба да се разговара за тоа што се случувало од јануари, кога се одржала претходната седница за Македонија.
„И бидејќи не гледам сериозна промена, би можела повторно да се потврди одлуката“, нагласи Нинова.
На прашањето дали вицепремиерката смета дека Бугарија има две надворешни политики кон Македонија - едната на советниците на премиерот, а другата на МНР, како што пред извесно време призна министерката Теодора Генчовска, таа одговори:
„Не, не мислам така. Мислам дека темата со РСМ е „малку претерана“. Мислам дека има непотребна и претерана тензија. Никој не ни поставил ултиматуми во јуни да го тргнеме ветото и да почнат преговори, ниту пак се преземени такви ангажмани“, категорична беше Нинова.
Според неа, тензијата во јавноста и медиумите по ова прашање е создадена вештачки.