logo
logo
logo

Николовски на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург: Ја прошируваме билатералната и трговската соработка со Русија

Vecer | 03.06.2021

Николовски на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург: Ја прошируваме билатералната и трговската соработка со Русија


Заменик- претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, овие три дена ја предводи владината делегација на официјалната посета на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Русија. Во состав на делегацијата учествува и извршениот директор на македонско-руската Стопанска комора, Дејан Бешлиев.

Во рамки на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, вицепремиерот Николовски одржа работни средби со ко-претседателот од руската страна на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-екононска и научнотехничка соработка меѓу Северна Македонија и Руската Федерација, Алексеј В. Груздев и со заменик-министерот за земјоделство на Руската Федерација, Сергеј Левин. Вицепремиерот Николовски, како копретседател на македонскиот дел на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научнотехничка соработка на средбата со копретседателот од руска страна Груздев, разговараа за зголемување на соработката во областа на туризмот и унапредување на трговската размена. Воедно, на состанокот Николовски и Груздев ја отворија и темата за зголемување на инвестициите во различни сектори меѓу кои како најзначајни беа потенцирани инвестициите во обвновливи извори на енергија, управување со отпад и пречистителни станици и инвестиции во производствени капацитети.

Руската Федерација е еден од стратешките трговски партнери на Северна Македонија во делот на извозот на македонски земјоделски производи. На средбата со заменик-министерот за земјоделство на Руската Федерација, Сергеј Левин, се дискутираше за можностите за зацврстување и проширување на билатералната соработка во земјоделството и зголемување на трговската размена помеѓу Северна Македонија и Русија.

Вицепремиерот Николовски и рускиот заменик-министер за земјоделство Левин ја потврдија досегашната соработката помеѓу двете држави и ја потенцираа потребата од продлабочување и зајакнување на соработката во земјоделскиот сектор преку организирање бизнис-форум помеѓу компании од двете земји, отворање откупни центри во повеќе региони и соработка помеѓу инспекциските служби за полесен извоз на македонски производи во Руската Федерација.

Во текот на денешниот ден вицепремиерот Николовски ќе присуствува на панел-дискусијата во рамки на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, на тема „Односите на Руската Федерација и ЕУ – одговор на предизвиците од денешницата“.

Економскиот форум во Санкт Петербург е уникатен настан во светот на бизнисот и економијата и се одржува од 1997 година. Од 2006 година се одржува под покровителство на претседателот на Руската Федерација. Во текот на последните 24 години Форумот е водечка глобална платформа за членовите на деловната заедница да се состанат и да разговараат за клучните економски прашања со кои се соочува Русија, пазарите во развој и целиот свет. Деловната програма на годинешниот Меѓународен економски форум ќе се фокусира на глобалните и руските економии, социјалните теми и технолошкиот развој.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk