logo
logo
logo

Николовски го презентира планот за борба против корупцијата во Кочани: Со исполнување на мерките од планот се зголемува транспарентноста на општините

Vecer | 26.03.2021

Николовски го презентира планот за борба против корупцијата во Кочани: Со исполнување на мерките од планот се зголемува транспарентноста на општините


Денеска, заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, во Кочани одржа работен состанок со градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, на кој присуствуваа регионалниот координатор на канцеларијата на Обединетите нации за борба со дрога и криминал, Вирџинија Меркез, координаторот на проектната канцеларија на Обединетите нации за борба со дрога и криминал во Скопје, Бил Вуд, и претставници од Општина Кочани.

На состанокот беа презентирани мерките од усвоениот план за борба против корупцијата, со посебен акцент на оние мерки со кои е опфатена локалната самоуправа. Вицепремиерот Николовски посочи дека планот содржи нови начини и соодветни механизми за спречување и искоренување на корупцијата, а во имплементацијата е неопходно активно да се вклучат сите фактори, вклучително и општините.

„Борбата против корупцијата и криминалот е заедничка и затоа од исклучителна важност е во целиот процес да се вклучат сите фактори, вклучително и локалната самоуправа. Само заедно можеме да ја сузбиеме корупцијата. Редот, дисциплината и законот мора да важат за сите. Мора да бидеме држава во која системот функционира, а тоа ќе го постигнеме со сите овие механизми и политики од усвоениот план. Секој од нас што ја добил довербата од граѓаните треба да ја потврди, ние сме сервис на граѓаните и мора така да се однесуваме“, рече вицепремиерот Николовски.

Тој појасни дека поради детектираните слабости во делот на комуникацијата помеѓу надлежните антокорупциски институции, независните тела, од почетокот на мандатот се воспостави пракса на редовна меѓуинституционална комуникација и размена на информации. Една од мерките што се презентира на состанокот беше токму мерката за активно вклучување и поврзување на седумте антикорупциски институции на платформата за интероперабилност, која обезбедува навремена размена на податоци по електронски пат, за предмети поврзани со корупција, што е важно за ефикасни и брзи резултати во решавањето на случаите за кои постои сомнеж за корупција.

Во однос на мерките со кои се опфатени општините, вицепремиерот Николовски појасни дека некои од предвидените мерки и активности општините треба директно да ги исполнат, а преостанатите се законски измени, кои ќе ја опфатат и локалната самоуправа.

На состанокот се разговараше за мерката од усвоениот план со која општините треба да назначат овластено лице за прием на пријави доставени поради заштитено внатрешно пријавување во согласност со Законот за заштита на укажувачите. Во насока на подигање на свеста за препознавање коруптивни дејства и за пријавување постоење корупција, вицепремиерот информира дека планот предвидува активирање систем за следење предмети и претставки од граѓаните за ненавремено постапување на нивните барања и пријавување корупција.

На состанокот беше презентирана мерката за подобрување на процесот на јавни набавки во локалната самоуправа, при што Николовски посочи дека општините треба да донесат интерни процедури за спроведувањето на постапките за јавни набавки и за реализација на договорите и јавно да ги објават на своите веб-страници, што ќе резултира со квалитетни, транспарентни процедури на јавни набавки и договори.

Со оглед на тоа дека во општинските јавни претпријатија има управни одбори, вицепремиерот Николовски информира дека со планот за борба против корупцијата е предвидено намалување на бројот на членовите на управните одбори, условите за именување на членови во управни и надзорни одбори и нивна одговорност, висината на надоместокот да биде во согласност со одржаните седници. Воедно, беше посочено дека ќе им се препорача на општините да подготват годишна антикорупциска програма, што крајно ќе резултира со воспоставување ефикасен систем на мерки што ќе овозможат превенција и борба со корупцијата.

Градоначалникот на општина Кочани, Илијев, порача дека за борбата против корупцијата потребно е јакнење и градење на јавната свест за целокупната одговорност, а граѓаните да пријавуваат доколку забележат случаи на корупција. Регионалниот координатор на канцеларијата на Обединетите нации за борба со дрога и криминал, Меркез, наведе дека тесната поврзаност меѓу службениците и граѓаните претставува ризик за корупција и судир на интереси, па затоа за да може една локална самоуправа добро да се справи со корупцијата, првично потребно е ​да направи анализа на ризиците поврзани со работењето на општината, особено во делот на постапките за јавни набавки, издавањето градежни дозволи, вработувањата во јавниот сектор и слично. Притоа да се изготви стратегија за јакнење на интегритетот на засегнатите страни. Меркез и Вуд потенцираа дека ги поддржуваат заложбите и новите политики на Владата во борбата против корупцијата.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk