Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за „Макфакс“ вели дека проблемот со Бугарија е дека нивните барања не застануваат и затоа доколку тие сакаат Бугарите да влезат во македонскиот Устав потребно е во нивното народно Собрание да се изгласа Декларација дека нема да имаат дополнителни барања. Сепак, според Николоски, Бугарија служи како изговор на други земји кои не се убедени дека Македонија треба да започне преговори и затоа нема никаков притисок.

– Сега имам чувство дека Бугарија служи за некаков добар изговор за неколку земји членки од ЕУ, кои не се убедени дека Македонија треба да почне преговори ЕУ. Нас не не блокира најсилната земја членка, туку најслабата, а врз Бугарија не се врши притисок. Постојат многу форми кои можат да се направат особено врз Бугарија. А во нашата ситуација ни велат земете со Бугарија договорете се. А барањата на Бугарија се да прифатиме дека сме Бугари и дека имаме бугарски јазик, што е неприфатливо, изјави  Николоски.

Николоски истакна дека доколку ЕУ е убедена дека Македонија треба да почне датум за ЕУ ќе прати дипломатски тешкаш во Бугарија кој за еден ден ќе изврши притисок. Тој се осврна и на предлогот од ВМРО-ДПМНЕ да Бугарија даде правно обврзувачки гаранции дека нема повеќе да има други барања и да блокира.

– Ние дадовме многу фер предлог, не знам колку се спремни да го разговараат актуелните власти во Македонија и Бугарија, а тоа е доколку се бара да се отвори Уставот со цел да влезат Бугарите во македонскиот Устав, треба бугарското Народно Собрание да усвои Декларација право обврзувачка во која што ќе кажат дека немаат дополнителни барања. Затоа што клучниот проблем со Бугарија е дека барањата не застануваат, потенцираше Николоски.

Тој додаде дека веќе има еден проблематичен договор со Бугарија, тоа е од Договорот од 2017, наречен Договор за пријателство кој има многу проблематични работи, но и тој договор не е доволен за Бугарија, па ја усвоија заедничката позиција на бугарското Национално Собрание која оди надвор од договорот.

– Јас сум убеден дека ако сега Македонија направи чекор за 6 до 12 месеци ќе има нови барања од Бугарија и тоа ќе стане една приказна која никогаш нема да заврши, затоа што имаат право да го користат ветото и во текот на преговорите и можат да ги блокираат кога сакаат. Во такви услови Македонија ако направи концесија, мора да има правно обврзувачки акти на бугарската држава во кои јасно ќе се каже дека ова е последното барање кон Македонија и јасно е ќе се заштити македонскиот народ и македонскиот јазик, нагласи Николоски.