Никој не е виновен за тоа што поранешниот „тигар“, Игор Спасов осуден за убиството на Мартин Нешковски, не се вратил на издржувањето на затворската казна откако бил привремено ослободен од здравствени причини, односно обвинителството не нашло докази дека бил лажно болен, објави МКД.мк.

Спасов избега во октомври 2019 година и по него беше распишана меѓународна потерница, а набргу беше отворена предистрага од Обвинителството, кое 15 месеци подоцна утврди дека медицинската документација со која осудениот го одложуваше издржувањето на затворската казна е во ред.

-Основното јавно обвинителство Штип донесе одлука дека нема место за јавнообвинителска интервенција во врска со донесените решенија за прекин на издржувањето на казната на осудениот Игор Спасов од Штип, кој на 18 октомври 2019 година не се вратил на издржување на казната во КПУ Идризово откако му бил дозволен прекин со решение на Основниот суд Штип, одговориле од ОЈО на МКД.мк.

По барање на обвинителството, Министерството за здравство и Лекарската комора извршиле стручен надзор и доставиле Извештај до надлежното обвинителство.

Јавниот обвинител кој постапувал во предметот утврдил дека медицинската документација за осудениот е издавана согласно спроведените медицински прегледи и дијагностички процедури, врз основа на кои се донесени решенија за прекин на казната од страна на Основниот суд во Штип, по што од Обвинителството велат дека врз основа на тоа е донесена одлукаа дека нема место за јавнообвинителска интервенција.