Во недела, на Шара и Кораб ќе одекне свечена архиерејска литургија

Никна манастир во близина на лековитите води во Бродец

Гостиварското село Бродец, в недела ќе ги собере сите граѓани кои имаат потекло од овој крај. Ќе се свети новоизградениот манастир посветен на Света Петка чија изградба почна во 2012 година и е изграден во рекордно време, со донации на поединци и компании. Изработен е и фрескоживописот на манастирската црква од рацете на познатиот мајстор Славко Ѓиноски.

За во недела, црковниот одбор најавува општонародна веселба која ќе започне со света литургија со која ќе чиноначалствува Тетовско-гостиварскиот архиереј, г. Јосиф, а ќе продолжи со заедничка трпеза на љубовта и со традиционалните звуци на зурлите и тапаните.

- Го изградивме и пристапниот пат до манастирот, така што очекуваме во недела да дојдат голем број верници и заеднички да го одбележиме овој голем ден за сите жители на Бродец и на околините села, вели претседателот на Одборот Славко Гиновски.

Манастирот се наоѓа на седум километри од мостот кај селото Трница, односно на три километри од центарот на село Бродец. Во непосредна близина има лековити води каде верниците од сите националности и вери молејќи се пред иконата на света Петка бараат спас за својата болест.

- Се верува дека водата лекува од многу болести, но само ако се има верба во бога. Особено тука доаѓаат родители чии деца не зборуваат и има многу примери каде после молитвата пред света Петка зазбореле. Од нашите предци сме слушнале дека особено водата е лековита во петок, па се оди секое утро и се пие на гладно срце, а потоа и се замива. Тој ден треба да се пости, велат постарите жители на селото.

Изворите на лековитите води, додаваат тие, постоеле од секогаш, а во раните '60-ти години на минатиот век била и изградена импровизирана чешма, која денеска е стилизирана во мал молитвен олтар чие централно место го зазема иконата на Света Петка.

Селото Бродец има уникатна географска местоположба. Се наоѓа на самиот состав на планините Шар Планина и Кораб. Околината изобилува со богати шуми и ендемски зимзелени дрвја, а од сите страни бликаат планински извори.

Бродец се наоѓа на 1.440 метри надморска висина, има најголем атар во државата - 138,2 квадратни километри. Од Гостивар е оддалечено педесетина километри, од кои триесетина се асфалтирани, а преостанатите се макадам.

Најблиско поголемо населено место е општината Маврово.

Поврзани

Најнови вести

Коментари