Неждет Мустафа: Толку ли вреди интелектуалниот потенцијал на Амди Бајрам, за да биде дел од секоја владина коалиција

По одлуката на Амди Бајрам по 11 години поддршка за власта на ВМРО-ДПМНЕ, сега да влезе и во владата на Зоран Заев, со остра реакција се јави претседателот на Обединетата партија за еманципација на Ромите (ОПЕР), Неждет Мустафа.

„Тоа е човекот кој речиси 25 години ја злоупотребува политиката и чувствителните ромски прашања за свои лични цели и интереси, неконзистентен партнер без политичка идеологија, чија максима е само личниот бизнис и богатење, газејќи по грбот на уценетите и купените ромски граѓани во сите досегашни изборни циклуси. Личност која изминатите две и пол декади служеше и се уште служи за потсмев, инспирација за хумор кај медиумите, инспирација за карикатуристите и забавните шоу емисии. Сликата за него, многумина ја поистоветуваа како слика за најголем дел од ромската заедница, што претставува неоправдано понижување на цел еден народ. Нема да биде никаква навреда или критика ако кажеме дека тој всушност беше дворски шут на сите досегашни влади. Почнуваше со додворување кон естаблишментите, пофалби за нивната политика, а целата негова политичка приказна завршуваше со добро познатиот – гол со пета. И тоа не еднаш, туку неколкупато досега. Неговото дејствување никогаш не било политичко, туку манипулативно и измамничко.

Неговите интриги ги почувствуваа Црвенковски, Тупурковски, Груевски, а верувајте ќе ги почувствува и неговиот нов партнер, актуелниот македонски премиер. Се прашуваме – толку ли вреди интелектуалниот потенцијал на Амди Бајрам, за да биде составен дел на секоја владина коалиција ? Толку ли е важен неговиот глас во македонското Собрание, без да се процени колку тој чин значи срам, понижување, потценување и деградирање на современата политичко-општествена мисла на Ромите ?

Се прашуваме – дали со вакви квазиполитичари ќе ги спроведуваме неопходните реформски политики кон кои се стремиме ? Класична утопија ! Денес сакаме да го пренесеме големото разочарување од овој потег, не само на ромските политички партии, туку и на најголемиот дел од ромската етничка заедница во Македонија. Каква порака им испраќаме на младите генерации денес ? Пораката е дека само со политичка манипулација, со лаги, со вулгарности, со квазиписменост, криминално минато и нечесни постапки, можеш да успееш во животот и вечно да опстојуваш на владеачкиот трон.

Денес имаме високообразовани млади генерации Роми, кои познаваат странски јазици, кои сакаат да се интегрираат во современите општествени текови, но само доколку им се пружи прилика и доколку државата сака да го исползува нивното знаење и вештини. Ваквите потези ги обесхрабруваат. Со избор на вакви кадри во највисоките тела на државната политика, ние процесите ги враќаме назад, наместо да ги туркаме напред. Во 2018 година, европските стандарди и вредности никако не можеме да ги постигнеме и спроведеме со ликови како Амди Бајрам. Тоа секому треба да му стане јасно, а пред се на оние политичари и органи кои го направиле изборот токму тој да биде нивни политички партнер.

Гневот и разочараноста од ваквиот потег деновиве е широко распространета во јавноста, кај новинарската фела, кај политичките елити. Да не ги заборавиме неговите свесни реторички испади во јавноста : им се закануваше со затвор и ќотек на новинарите кои ја следеа работата на македонското собрание ; искажуваше пцовки од собраниската говорница без грам совест за последиците од таа реторика ; на митинзите се поистоветуваше со ловџија кој иронично со морков во раката се закануваше дека ќе го улови сегашниот премиер, а тогашен опозицинер Зоран Заев. Кока-кола личности, како што гордо и без срам себеси се нарекуваше, нам повеќе не ни требаат, ниту на Ромите како етничка заедница, а уште помалку на Република Македониja, вели Неждет Мустафа.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари