НА СОСТАНОКОТ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА

Ненадејно почина бизнисменот Илија Камчев

Вчера во Министерството за економија за време на состанокот што министерот Фатмир Бесими го имаше со претставници на текстилната индустрија, ненадејно во 71 година од животот почина бизнисменот Илија Камчев, основач на компанијата Орка.

На состанокот , по воведното излагање на министерот Бесими и на претседателот на Асоцијацијата, Владимир Недков, за збор се јавил Камчев на кого само по неколку минути му се слошило и престанал да зборува. Веднаш пристигнале екипи на Брзата помош и од болницата Систина, но сите обиди за негова реанимација биле безуспешни. Камчев претходно имал направено четири бај-паса.

Во Стопанската комора на Македонија каде Камчев беше активен изминативе години велат дека бил истакнат стопанственик и промотор на нови идеи во претпријатијата, посебно во текстилната индустрија, издигнувајќи повеќе капацитети кои остварија соработка со голем број странски компании. Во Комората тој беше активен член во Здружението за текстилна индустрија и партиципираше во органите на Стопанската комора на Македонија долги години.



IN MEMORIAM

Илија Камчев е роден на 06.12.1937 година во село Марена-Кавадарци.
Во 1944 година се сели во Скопје, каде во многу тешки услови го започнува своето образование, бидејќи биле пет деца, а само татко му работел, додека мајка му ги обавувала домашните работи.
Во Скопје го завршува средното образование, а потоа и Економскиот факултет.
По завршувањето на факултетот, заминува една година во војска, за да по враќањето од војска се вработи во фирмата "Макотекс" во секторот увоз-извоз.

Со оглед на тоа дека "Макотекс" била голема фирма и специјализирана за текстил, во неа било тешко да се напредува, затоа ја напушта и се вработува во "Македонија кооп" од каде во 1976 година го испраќаат како претставник во Софија. Тоа претставува голем успех, уште повеќе затоа што тој самиот го основа претставништвото во Софија и е најмлад претставник од тогашната Југославија во Бугарија.

По враќањето во Македонија во 1976 година се вработува во "Технометал" во сектор увоз-извоз како директор за застапништво и реекспорт.
Во оваа фирма останува кратко време и по налог на тогашниот Централен комитет во 1977 година добива наименување директор во "Македонија Спорт" фабрика за спортска облека и трговија, која била пред ликвидирање и во неа биле вработени 230 лица. За време на неговиот мандат, тој гради нова фабрика во која се вградува нова посовремена опрема, вработени се нови 600 лица, модернизирана е трговијата со отварање на нови посовремени продавници и сето тоа е направено без подигнат кредит.

Во "Македонија Спорт" останува до 1989 година од каде заминува во фирмата "Центротекстил"- Белград, претставништво за Македонија како директор.
Некаде во тоа време почнуваат и превирањата во сега веќе бивша Југославија и во 1990 оснива своја приватна фирма Орка.

Почетоците по правило се најтешки, но затоа остануваат во мислите како особено драги спомени. Во 1990 ОРКА започна како приватна фирма со само триесет вработени во производство и една продавница.

Ненадејната смрт Илија Камчев го затече на чело на една голема и успешна компанија, која има повеќе од 1.000 вработени, располага со четири производствени капацитети, повеќе од 30 продавници низ Македонија, Косово, Србија, Црна Гора и Бугарија.





Поврзани

Најнови вести

Коментари