Неказнивоста останува проблем во Македонија, се наведува во новиот извештај на Стејт департментот

Владата преземала некои мерки за истражување, гонење и казнување на претставници кои извршиле злоупотреби, вклучително полицајци виновни за употреба на прекумерна сила, но неказнивоста останува широко распространет проблем, се наведува во најновиот извештај на Стејт департментот на САД за почитувањето на човековите права во 2017 година. Како најзначајни прашања во однос на човековите права во Македонија се наведуваат извештаите за тортура од страна на затворските чувари, мешањето во приватноста, насилството против новинарите, недостатокот на независност во судството и насилството против ЛГБТИ лицата. Во извештајот се нотирани и инцидентите во Собранието од 27 април.

„На 27 април 2017 година, откако мнозинството во Парламентот го избра Талат Џафери за претседател, демонстрантите го нападнаа Собранието што резултираше со повреди на седум негови членови. Медиумите објавија дека припадници на Министерството за внатрешни работи им помагале на демонстрантите и не ја исполниле својата должност да ги штитат членовите на Парламентот. Министерството ги казни полицајците кои не ги исполниле своите должности, вклучително отпуштање на осум полицајци“, се вели во Извештајот.

Во Извештајот се споменати и дел од активностите на Специјалното јавно обвинителство , кое , како што пишува, работи на истраги за сомнеж за корупција во Македонија меѓу 2008 и 2015. Се спомнува дека СЈО поднесе 18 обвиненија против 120 обвинети, за 168 кривични дела и отвори 7 истраги против 25 осомничени. Исто така СЈО иницираше 142 прелиминарни истраги за очевидно криминално однесување што произлезе или е во врска со содржината на нелегално прислушуваните комуникации, пишува во Извештајот на Стејт департментот.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари