Како да се заштитите од плаќање застарени сметки

Не плаќајте стари долгови на агенции, но примете го писмото од нотар

Освен нотарите и извршителите, во последно време граѓаните добиваат барања за наплата на стари долгови и од анонимни агенции, во чии дописи е наведена само сумата, може да има и пополнета уплатница, но не и информација за каков долг се работи и од кој период

Не плаќајте ги старите долгови за комуналии кога тоа од вас го бараат анонимни агенции, но задолжително примајте ги писмата од нотар. На дописот од нотар веднаш напишете го датумот кога сте го примиле, а пред да решите да платите, задолжително дознајте го датумот кога нотарот го примил решението за наплата од фирмата на која и должите. Ова се совети на скопскиот адвокат Николчо Лазаров, кои ќе ви помогнат да се заштитите од измами и од плаќање застарени долгови.

Освен нотарите и извршителите, во последно време граѓаните добиваат барања за наплата на стари долгови и од анонимни агенции, во чии дописи е наведена само сумата, може да има и пополнета уплатница, но не и информација за каков долг се работи и од кој период. Овие агенции, кои всушност се оние кои често им досадуваат на граѓаните потсетувајќи ги по телефон дека задоцниле со некоја рата, во своите дописи за наплата на стари долгови не се легитимираат, ниту пак даваат можност за приговор.

- Ваквиот документ не е обврзувачки за граѓаните и тие немаат никаква обврска да платат. Кај таквите налози ќе забележите дека се работи за долгови кои се од подолг временски период, односно за обврски за кои веќе одамна настапила застареност. Инаку, апсолутниот рок за застареност на секое побарување е десет години од денот на настанување на долгот, и тоа граѓаните треба да го имаат предвид, вели Лазаров.

Истовремено, тој советува дописот од нотар за наплата на долг задолжително да се прими, бидејќи ако се одбие, постои законска можност да се постави на огласна табла во надлежниот суд и по осум дена да се смета за правосилно извршено. Сепак, и кога се примаат дописите од нотарите, треба да се отвораат четири очи. Прво, неизоставно своерачно треба да се напише датумот на приемот, бидејќи рокот за наплата тече од тој момент.

Во решението прво треба да се провери дали се однесува за лицето до кое е доставено, како и датумот на кој е ставен приемниот печат кај нотарот, кој покажува кога нотарот го примил предметот од доверителот. Овој датум е битен, затоа што покажува дали наплата преку нотар е побарана во законскиот рок од една година, ако се работи за комунални сметки, или пак долгот застарел. Но, за да се открие тој датум често треба да се појде кај нотарот, зашто, како што објаснува Лазаров, нотарите го имаат предлогот за наплата во два примерока, а често печатот го ставаат само на едниот, кој го заведуваат во својата архива, а не и на оној кој му го испраќаат на должникот.


- Приемниот печат е многу битен. Ги предупредувам граѓаните задолжително да го утврдат датумот кога е поднесен предлогот за наплата, бидејќи од тој датум се проверува дали е поднесен навреме или се работи за застарен долг. Ако нема приемен печат, тогаш треба да се провери кај нотарот, кој е должен да го овозможи тоа, вели Лазаров.


Ако тука нема ништо спорно, долгот треба да се плати. Според закон предност за наплата имаат нотарските трошоци, па каматата, која тече се додека не се плати и на крајот основниот долг. Рокот за плаќање е осум дена од приемот.
Доколку пак, има нешто спорно, како на пример барање за наплата на веќе платен или застарен долг, тогаш постои можност за приговор до нотарот. Приговорот може да се однесе лично или да се испрати препорачано преку пошта, најдоцна до 19 часот на денот кога истекува рокот.


- Приговор се поднесува доколку постојат забелешки за долгот, а ако се работи за забелешки на висината на трошоците на постапката кои ги определил нотарот, тогаш се поднесува жалба во суд, објаснува Лазаров и препорачува приговорот да го направи стручно лице, иако може да го напише и самиот должник.

Ако сами го пишувате приговорот, треба да знаете дека ќе се смета за уреден ако содржи до кој нотар се упатува со сите негови податоци, број и датум на решението против кое се поднесува, причини поради кои се поднесува и ако постојат, тогаш и докази, кои можат да бидат и фотокопија. Задолжителен е и потписот на поднесувачот. Слична е и содржината на жалбата за висината на нотарските трошоци со тоа што образложението може да биде формално, со неколку реченици. Според сознанијата на Лазаров, приговори за нотарските решенија за наплата поднесуваат 30 до 40 проценти од граѓаните. Дел од нив се отфрлаат како неосновани, но со некои се потврдува застареност на долгот.

Застареност на долг

Адвокатот Лазаров објаснува дека кај комуналните сметки рокот за застареност е една година од денот на настанување на обврската за наплата, а за фирми три години. Тоа значи дека ако некој овој месец од нотар добие предлог за наплата на сметки од ноември лани, треба да поднесе приговор, зашто тој долг е застарен. Токму затоа тој препорачува при приемот на решението да се провери денот на приемот кај нотарот и да се спореди со месеците кога е направен долгот. Адвокатот потенцира дека застареноста треба да се истакне во самиот приговор до нотарот, зашто подоцна, особено во жалбената постапка не се зема предвид во одлучувањето. Инаку, граѓаните добиваат побарување за наплата и на застарени долгови, затоа што ниту нотарите ниту судовите по службена должност не внимаваат на застареноста, а таа се зема во обзир само во приговорот.

Опомени

За да не бидете изненадени со стара неплатена сметка, добро читајте ги фактурите што секој месец ви ги испраќаат комуналните претпријатија, советува Лазаров.
Комуналните претпријатија практикуваат во новите сметки за струја, вода, парно и слично да напишат колкав стар долг имате, или пак во форма на опомена на посебен лист во прилог на фактурата да ве потсетат дека должите.
Ваквите опомени како правен институт не постојат, туку се само добра желба, повик и потсетување до должниците да го платат долгот и во никој случај немаат обврзувачко дејство. Затоа, граѓанинот самиот треба да одлучи дали ќе го плати долгот или ќе чека да почне законска постапка за негова наплата. Таквата постапка ја почнуваат нотарите, но тогаш долгот е зголемен за нотарските трошоци. Ако се поднесе приговор, втора институција која решава за долгот е судот. На крајот доаѓаат извршителите, кои исто така пресметуваат свои трошоци и тие дефинитивно го наплатуваат долгот.

Поврзани

Најнови вести

Коментари