ТРИНАЕСЕТ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ВЕЛИЈА РАМКОВСКИ

На Пајажина и е пресудено

Рамковски со најблиските соработници останува во притвор до правосилноста на пресудата, неколкумина ќе бидат во куќен притвор, а покрај затворските казни дел од обвинетите треба да платат милионски суми на фирми на кои им должеле пари како и данок на државата

Тринаесет години затвор за Велија Рамковски е казната која вчера му ја изрече Судскиот совет со кој претседаваше судијката Павлина Христова и со тоа заврши едно од најголемите судења за организиран криминал во поновата историја на Македонија. Покрај Рамковски затворски казни добија уште шеснаесет обвинети, еден беше осуден на условна затворска казна додека тројца беа ослободени од обвинението.

Изрекувањето на пресудата, во големата судница во Кривичниот суд која беше претесна за сите обвинети, нивните најблиски и претставниците на медиумите, мина без инциденти.
Велија Рамковски беше прогласен за виновен по четирите точки од обвинителниот акт, злосторничко здружување, перење пари, затајување данок и злоупотреба на службената положба и овластувања и осуден на единечна затворска казна од тринаесет години. Неговиот брат Амди Рамковски за истите дела доби шест години затвор, ќерката Емел која не беше обвинета само за злоупотреба и синот Хеди, кому му се судеше во отсуство, добија по шест, односно седум години затвор.

Останатите обвинети добија затворски казни од две години и три месеци до седумгодишна затворска казна, Александар Дамовски беше осуден на двегодишна затворска казна која беше заменета со четиригодишна условна за затајување на данок, додека Јасмин Латифовиќ, Мухамед Авди и Марјан Танчевски беа ослободени поради недостиг на докази.

Судскиот совет одлучи Велија Рамковски, Емел Рамковска, Зоран Мицевски, Дарко Перушевски и Славица Мариновска да останат во притвор до правосилноста на пресудата додека на Амди Рамковски, Невин Рауф, Жаклина Георгиевска, Слободан Пејовски, Наташа Крстановска, Ибраим Ибраими и Жарко Стојановски им беше одреден куќен притвор. Обвинетата Анета Кочишки која беше осудена на две години и три месеци затворска казна мора да го предаде пасошот и да се јавува во судот.

На обвинетите Хеди Рамковски, Неше Рамиз и Бранко Пишев кои се во бегство, по автоматизам им одреден притвор.

Во образложението на пресудата судијката Христова наведе дека во текот на долгиот процес и шеесет и шесте рочишта на главниот претрес доказите недвосмислено покажале дека Велија Рамковски ја оформил криминалната група преку која се перело пари, затајувал данок и се оштетувале доверители, а подоцна кон групата се приклучиле и поголем дел од обвинетите. Тие формирале десетици фирми во Македонија и странство, а Рамковски ја водел и контролирал групата и ги преместувал членовите од една во друга фирма, каде фигурирале како основачи и управители. Тие фирми меѓусебно си давале и земале позајмици, изготвувале лажни фактури, префрлале пари во кеш, по неколкупати плаќале иста фактура, а истото се однесувале и на имотот на фирмите. На тој начин Рамковски и неговите соработници се обиделе да ги сокријат парите и дел од нив да ги изнесат во странство.

Адвокатите на обвинетите беа незадоволни од пресудата и најавија жалби.
-Оваа пресуда беше очекувана затоа што е нормално по едно вакво шоу и фарса како што беше ова судење да заврши со вакво финале. Ја очекуваме писмената пресуда за која сметам дека судијата ќе има сериозни проблеми да ја образложи, изјави адвокатот Никола Поленак.
Покрај затворските казни на обвинетите им беше наложено да платат казни во висина од 2 до 5 илјади евра, а исто така ќе треба да се наплатат и долговите кон неколку фирми и кон државата.
Така обвинетите ќе треба да платат 8,5 милиони денари на државата, и на печатниците "Европа 92" и "Цетис" 15,6 односно 5,8 милиони денари. (О.Ч.)


Велија Рамковски - 13 години, Амди Рамковски - 6 години, Жаклина Георгиевска - 6 години, Невин Рауф - 6 години, Зоран Мицевски - 6 години, Емел Рамковска- 6 години, Хеди Рамковски - 7 години, Дарко Перушевски - 5 год. и 6 месеци,Ибраим Ибраими - 3 години, Ѓултен Џемаили - 5 години, Жарко Стојановски - 3 год. и 6 мес. , Неше Рамиз - 7 години, Славица Маринковска- 6 години, Наташа Крстановска- 4 години, Слободан Пејовски - 4 години, Рамадан Ибраими - 7 години, Анета Кочишки - 2 год. и 3 мес., Рамадан Чичек - 6 години, Бранко Пишев - 6 години, Александар Дамовски - условна казна.


ХРОНОЛОГИЈА НА СЛУЧАЈОТ ПАЈАЖИНА
25 октомври 2010 година - инспектори на УЈП и на уште неколку државни инспекторати влегоа во фирмите кои се наоѓаа на "Перо Наков" и почнаа да го откриваат милионскиот криминал.

23 и 24 декември 2010 година - Рамковски и уште дваесет и двајца обвинети во случајот "Пајажина" се уапсени и притворени. Групата е обвинета за злосторничко здружување, перење пари и затајување данок. Оттогаш поголем дел беа во притвор во истражниот затвор "Скопје" во Шуто Оризари, а подоцна на неколкумина им беше одреден домашен притвор.

Јануари 2011 година - УЈП ги блокира сметките на А1 и А2, и трите весници Време, Шпиц и Коха е Ре, поради основано сомнение дека парите на сметките на овие фирми се оставени од криминални дела. Новинарите од А1 се селат на платото пред Владата на РМ во знак на протест од каде во наредните месеци се емитуваат вестите.

30 јули 2011 година - АЕК ја одзема дозволата за работа на А1 и А2 телевизија поради стечај.

25 јануари 2012 година отворена постапка за ликвидација на телевизијата, а стечајниот управник Ацо Петров прифаќа само 60 отсто од побарувачките на вкупно 354 доверители односно 14,6 милиони евра. УЈП на основ на данок бара 11 милиони евра.

РЕАКЦИИ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ЗА ПРЕСУДАТА ЗА ПРОЦЕСОТ "ПАЈАЖИНА"
СДСМ во одбрана на криминалот?!
Во опозициската СДСМ пак велат дека уште пред да започне судскиот процес против Велија Рамковски се знаел исходот и висината на казната.
-За жал, пресудата уште еднаш потврдува дека во Македонија нема независно судство. Македонија во 21 век, со Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на власт, стана земја на политички затвореници. По експресната пресуда за Љубе Бошковски од 7 години, партизираното судство донесе уште една пресуда со максимална казна. Двојните аршини и селективната правда станаа заштитен знак за македонското судство. Сметаме дека пресудата и целиот судски процес против Велија Рамковски, неговото семејство и неговите вработени, заедно со затворањето на А1 телевизија е најлошата можна препорака за Република Македонија во пресрет на посетата на еврокомесарот Фуле. Оваа судска пресуда нема врска со вистинска борба против криминалот и корупцијата, рече потпретседателката на СДСМ, Ана Павловска-Данева.

Од владеачката ВМРО-ДПМНЕ пак не сакаа да коментираат судска пресуда која, според нив се базира на аргументи. Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на партијата рече дека Павловска-Данева како човек од Правниот факултет и СДСМ требало да им дадат поддршка на институциите и на судството.
-Гледаме дека СДСМ и понатаму дава поддршка на осомничените или осудените за одредени кривични дела. И тоа е само потврда дека СДСМ можеби одвреме-навреме истакнува нови личности, но се држи до старите принципи да се меша во работата на судот и да го штити криминалот, изјави Милошоски. (Г.Ма)




Поврзани

Најнови вести

Коментари