Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески вели дека не му е јасно за одземање на кои ингеренции зборува министерката за култура Ирена Стефоска, откако таа вчера рече дека Општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО и затоа ќе иницира пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини.

Министерката Стефоска, која е и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, ова го најави откако вчера почна да се урива ресторанот-дискотека „Парк“ на брегот на Охридското Езеро, наградувано дело на архитектот Павел Балабан од 1989.

Лоциран на крајбрежјето, објектот (ресторан ,,Парк”) е строго приметлив со својот бруталистички архитектонски стил. Забележлив со својата имитација на самите бранови претставува уште едно архитектонско вредно добро од охридскиот архитект Павел Балабан

Министерката Стефоска кажа и дека во делот на надлежностите на Министерството за култура, на одговорност ќе бидат повикани Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид како и Управата за заштита на културното наследство.

На местото на „Парк“ според одобрението за градба од 2018, инвеститорот градежната фирма „Ремис“ ќе гради хотелски комплекс од приземје три ката и поткровје.

Георгиевски, кој на 24 февруари изјави дека Општината нема правен основ да интервенира во одобрение и проект кој што биле во постапка пред носење на Планот за управување со Охридскиот Регион донесен во февруари 2020.

„Ако мисли министерката Стефоска мисли да покрене иницијатива за одземање на ингеренциите на Општините Охрид и Струга во сферата на урбанизмот, повеќе пати сме разговарале на состаноци изминатава година и половина откако сум градоначалник и беше заклучено дека не постои законска можност за такво нешто согласно Законот за градење. Во добар дел од територијата на Oпштина Охрид ингеренциите во сферата на урбанизамот се под Министерството за транспорт и врски. Не знам зошто сега доаѓа ваква изјава, кога Општина Охрид од кога е донесен планот за управување со Охридскиот Регион доследно го спроведува, ние не сме издале ниту едно одобрение кое е спротивно на планот. Министерката да нè става во ист кош Општина Охрид и Општина Струга, која досега не покажа никаква активност за исполнување на препораките на УНЕСКО, мислам дека во најмала рака не е фер”, кажа денеска Георгиевски.