МВР за случајот Саздовски: Две лица се притворени, а по третото се трага

Министерството за внатрешни работи се огласи по повод обвинувањата за случајот со убиството на Никола Саздовски – Саздо, коментирајќи дека две лица, прво и второпријавениот се лишени од слобода и одредена им е мерка притвор, а преземени се мерки и активности за пронаоѓање на третообвинетиот.

„МВР ја потсетува јавноста дека случајот од 29.06.2018 е расчистен, а за тоа соодветно ја информиравме и јавноста. Ги отфрламе сите злонамерни дезинформации на поединци и неодговорни политички партии кои ја злоупотребуваат смртта на момчето. Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје, кои на 29.06.2018 година околу 17,30 часот во Скопје на автобуска постојка на булевар „Александар Македонски“го нападнале Н.С., по што тој бил пренесен во Клинички центар “Мајка Тереза“ Скопје“, вели МВР.

Министерството појасни и дека целокупниот доказен материјал е предаден на надлежното јавно обвинителство и овој случај е во надлежност на ОЈО Скопје, чија надлежност е и преквалификацијата на делото.

„МВР работи по закон, пред кој сите се еднакви и никој не е, ниту ќе биде привилегиран. Ги штитиме граѓаните и стоиме на страната на правдата. Апелираме уште еднаш, политичките партии, медиумите и останатите општествени чинители да се однесуваат одговорно и да не поттикнуваат говор на омраза и да дадат простор на институциите да си ја завршат работата“, се вели во реакцијата на Министерството за внатрешни работи.

Опозицијата, претходно обвини дека МВР трет ден молчи за деталите за случајот и побара оставка од министерот, Оливер Спасовски.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари