Морачанин избрана за координаторка на интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата

Пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин, е избрана за координаторка на интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, на денешната конститутивна седница на групата, во Собранието на Република Македонија.

Во своето обраќање пред присутните пратеници, претставници од невладините организации и амбасадите, таа истакна:

„Иницијативата за формирање на неформална интерпартиска парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, потекна од граѓанските организации кои работат во сферата на заштита и унапредување на правата на ЛГБТИ лицата, пролетта 2017 година. Во изминатиот период пратениците кои покажаа интерес за оваа тема, остварија неколку работни средби со претставниците од невладиниот сектор на кои се дискутираше за присутното кршење на човековите права, говорот на омраза, насилството и дискриминацијата на ЛГБТИ луѓето во нашето општество и за потребата од системски пристап со заедничко учество на државните институции и граѓанскиот сектор за решавање на овие проблеми. Од тука произлезе и потребата за формирање на оваа неформална парламентарна група чија улога е да се застапува за заштита и унапредување на правата на ЛГБТИ лицата, со цел градење на општество во кое сексуалната ориентација и родовиот идентитет нема да претставуваат пречка за остварување на човековите права и слободи.”

Групата брои 13 пратеници од различни политички партии и независни пратеници и останува отворена за вклучување на секој пратеник кој сака да придонесе за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Во своите активности ќе ги користи и позитивните искуства од групите за правата на ЛГБТИ лицата во парламентите на САД, Австралија, Израел, европските држави и Интергрупата за правата на ЛГБТИ лицата во Европскиот парламент.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари