Промените во основното образование ќе се случат, затоа што тоа не е самоиницијативна одлука на Министерството за образование и наука, туку е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни организации. А исто така, промените се и барање на наставниците и на многу генерации на ученици, но и потреба која што ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи. Ова беше истакнато на денешниот работен состанок на претставници од министерството за образование и наука кои ги сослушаа барањата на Иницијативата за бојкот на наставата.

Министерството за образование и наука како и за сите останати реформски процеси така и за Законот за учебници консултира и го слуша мислењето на сите засегнати страни. Сепак во носењето на законското решение предност се дава на квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, така што, тоа не смее да биде причина за бојкот, велат од оваа институција.

„Дигитализацијата на материјалите за учење е дел од промените кои започнуваат од идната учебна година. И таа е глобален процес кој нема и не треба да ја одмине нашата земја. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои ќе треба да се интегрираат во системот“, стои во писменото соопштение.

Ова е досегашната практика и начин на работа на МОН, принципи по кои ќе се водиме и во иднина. Затоа што само јавен и широк процес во кој се вклучени сите засегнати страни и експертската јавност, може да резултира со подобар квалитет на националниот образовен систем и со обезбедување повеќе и подобри можности за учениците, студентите, наставниците и професорите.

Потсетуваме дека новото законско решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди достапност на учебниците за сите ученици, поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека истите ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Исто така, преку поставувањето на повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците, се елиминира веројатноста за појава на грешки од било каква природа, а се воведуваат и содржини од областа на мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на различностите и слично. Можноста за ажурирање на учебниците секоја година, значи дека повеќе ќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина, посочуваат од ресорното министерство.

Додаваат дека МОН останува отворена институција за соработка со секој заинтересиран поединец, група, граѓанска организација, здружение со намера да даде конструктивен предлог, идеја или коментар за унапредување на содржината и квалитетот на законското решение, земајќи го во преден план најдобриот интерес на учениците.

makfax.com.mk