logo
logo
logo

Мицкоски: НЕ МРДАМЕ ОД ЦРВЕНАТА ЛИНИЈА, а некој во Брисел ако сака нека биде заложник на политичари од Средниот век

Vecer | 29.11.2024

Мицкоски: НЕ МРДАМЕ ОД ЦРВЕНАТА ЛИНИЈА, а некој во Брисел ако сака нека биде заложник на политичари од Средниот век

Не мрдаме од црвената линија и ние како Влада не можеме повече од ова да направиме, ниту ќе направиме, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги последните пораки од Брисел дека нема промени во преговарачката рамка и дека се размислува за некакви гаранции дека ќе нема нови блокади.

– Лага е дека некогаш сме рекле дека бараме промени во преговарачката рамка, иако таа е катастрофална, најлоша, нема полоша. Никој немал таква преговарачка рамка, тоа е катастрофа. И не знам кој е тој што ќе даде гаранции дека ќе нема блокади со билатерални договори во преговарачка рамка, не знам кој е тој и како ќе ги даде. Единствената гаранција која ние ја даваме е претставена пред нашите стратешки партнери и тоа е максимум што може да направиме, бидејќи како народ и како држава направивме како што сите заедно не направиле. Нема што повеќе од ова да правиме. Ние како Влада не можеме повеќе од ова да направиме, ниту ќе направиме. Тоа е тоа, тоа е нашата црвена линија – рече премиерот Мицкоски.

Тој го повтори ставот Брисел има право да биде заложник на политичари од Средниот век, но нас треба да не остави да ги решиме домашните проблеми.

Ако некој таму во Брисел одлучил да биде заложник на политичари од Средниот век кои доаѓаат од земјите членки на самата Унија, ако некој одлучил да биде заложник на билатералазацијата, во ред, тоа е тоа, нека нè остават да си ја решиме барем домашната задача. Ние имаме целосна усогласеност со политиките на ЕУ, не сме опасност, целосно ќе ги следиме, тие нека водат. Ако тие мислат дека ние не заслужуваме, по принципот на дела, а не по принципот на билатерализација и прашања од Средниот век да бидеме дел од европското семејство, тоа е нивно право. Ние сакаме да бидеме, подготвени сме да разговараме со секој, кога било и каде било. Ако тие не се подготвени да разговараме сега, ќе чекаме кога ќе бидат – рече премиерот.

Во меѓувреме, повтори тој, нека нè остават да си работиме дома, да правиме проекти, да покачуваме плати и пензии, да носиме странски инвеститори, да работиме на реформи, да ја носиме правдата.

– Тоа е нашата домашна задача, да работиме чесно и посветено за граѓаните. Ако тие се одлучени да следат политичари од Средниот век кои доаѓаат од членки, нека ги следат, а ние ќе ги следиме барањата на граѓаните – рече Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk