Министерот за локална самоуправа и амбасадотот Џес Бејли на форум со градоначалниците

Во организација на Мировниот корпус и на Министерството за локална самоуправа денеска во Скопје се одржа Форум со градоначалниците на кој беа презентирани искуства на волонтери од САД кои што престојуваат во повеќе општини во земјава и се ангажирани во локалните заедници. На Форумот, во присуство на градоначалниците и други претставници од општините, говореа амбасадорот на САД Џес Бејли, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, директорот на Мировен корпус Марк Ханафин, како и волонтери на Мировниот корпус.

„Граѓаните на Република Македонија со децении градат цврсти пријателски односи со американскиот народ. Заедно реализиравме многу заеднички проекти, директно финансирани од даночните обврзници на САД. Проекти кои што имаат големо влијание на животот на нашите граѓаните и на создавањето на трајни, нераскинливи релации. И мировниот корпус, присутен во Република Македонија над две децении, има голем придонес во зајакнувањето на пријателството и соработката“, рече министерот Фазлиу. Тој изрази очекување дека сите општини ќе ја искористат можноста и ќе бидат домакини на новите волонтери, затоа што на локално ниво можностите за осмислување и спроведување на заеднички активности се огромни.

Успешната и долгогодишна соработка на Министерството за локална самоуправа со Мировниот корпус беше афирмирана и преку посебно признание кое што му беше врачено на министерот Фазлиу. Настанот е организиран во пресрет на повикот за аплицирање за волонтери за 2018 година, на кој што можат да учествуваат сите заинтересирани основни и средни јавни училишта, општини и невладини организации. Следната група на волонтери ќе пристигне во земјава во септември 2018 година и ќе вклучува наставници по англиски јазик, дефектолози и специјалисти за развој на заедницата. Крајниот рок за пријавување е 27 април.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари