logo
logo
logo

Милошоски: Ковачевски и Османи го кријат предлогот, нивните штетни преговори ја доведоа Македонија во оваа положба

Vecer | 01.07.2022

Милошоски: Ковачевски и Османи го кријат предлогот, нивните штетни преговори ја доведоа Македонија во оваа положба

Денешната прес-конференција ја држам на тема двајца манипуланти Димитар Ковачевски и Бујар Османи. Овие двајца политичари, едниот премиер, другиот министер за надворешни работи не запираат со манипулациите кон македонската јавност, особено за процесот на евроинтеграции, спорот со Бугарија и понижувачките предлози коишто ги прифаќаат, тврдат дека имаа некакви забелешки, и лажат дека истите се видоизменети, рече Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК  на ВМРО-ДПМНЕ.

- После онаа легендарна лага од 2018 година во којашто учествуваше Бујар Османи дека сме добиле датум за преговори кои што го гледаме дека го немаме, вчера се случи уште една голема лага со која што Димитар Ковачевски се обидува да го покрие дебаклот на македонската дипломатија.

Премиерот Ковачевски се обиде да ги изманипулира новинарите, јавноста и политичките партии дека неговото “НЕ“ во Брисел предизвикало суштинско видоизменување на францускиот предлог за преговарачка рамка за да многу брзо потоа биде демантиран од министерската за надворешни работи на соседна Бугарија, а  денеска е демантиран и од француската амбасадорка во Софија која што е акредитирана од Макрон да биде претставник и гласноговорник на француската политика како амбасадорка.

Затоа бараме од Димитар Ковачевски да престане со овие манипулации, да го објави предлогот и да види целата јавност дека овој предлог суштински е истиот со она за коешто македонската јавност веќе изгради широк консензус дека е неповолен за државата, понижувачки е, не ги решава споровите со Бугарија и не не носи до целта која што ја замислуваме во минативе 20 години, а тоа е полноправно членство во ЕУ.

За ваков предлог не е доволно да се консултира Ковачевски само со коалиционите партнери и со одбрани невладини или провладини здруженија, за ваков неповолен предлог на преговарачка рамка кој што е голем дебакл за македонската дипломатија треба Владата да даде оставка, да распише предвремени парламентарни избори и народот да одлучи на кој начин смета дека треба да продолжи да се движи Република Македонија во правилна насока.

ВМРО-ДПМНЕ го чувствува револтот на граѓаните, оправданото незадоволство коешто се акумулира заради манипулирањето на Ковачевски и на Бујар Османи и ВМРО-ДПМНЕ ги разгледува сите можни демократски опции за канализирање на тој револт во Собранието и надвор од Собранието.

Но, ваквиот предлог не смее да помине бидејќи Македонија со ова губи, се понижува, а на надворешно политички план нема да ја постигне целта ниту за членство во ЕУ, ниту за подобри пријателски рамноправни односи со Бугарија, истакна Милошоски.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk