Милков е за деескалација на односите, а повторно ја обвини Македонија

Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков во интервју за БТВ се заложи за деескалација на односите со Македонија, но во исто време ја обвини нашата земја за антибугарска политика и нагласи дека Скопје ќе мора да ги почитува правата на Бугарите оценувајќи дека институциите ги кршат тие права и не постапуваат кога се во прашање поплаките на Бугарите. Toj бара безбедни и мирни услови за Бугарите на чествувањето на гробот на Гоце Делчев.
Услов за намалување на напнатоста во односите со Македонија е да се гарантира безбедност за Бугарите и тие да бидат впишани во македонскиот Устав, рече Милков и оцени дека во Македонија има големо несогласување меѓу власта и опозицијата ло прашањето на статусот на Бугарите.
„Односите со Бугарија се предмет на внатрешно-политички дебати во Северна Македонија, додека Бугарија има внатрешен консензус како да ги развива односите и во тоа е нашата сила”, рече Милков..
Тој споменувајќи го соопштението на македонското Обвинителство, рече дека е очигледно дека станува збор за напад врз Христијан Пендиков само затоа што е Бугарин и уште оцени дека проблемот е во несоодветното постапување кон вакви дела во Македонија.
Повторувајќи дека бара безбедност за бугарски државјани кои сакаат да го посетат гробот на Гоце Делчев во Скопје на 4 февруари тој потврди дека утре во македонското МВР ќе се разговара за деескалација на односите и намалување на тензиите меѓу двете земји.
„Во Скопје заминуваат министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев и директорот на Агенцијата за национална беазбедност, Пламен Тончев, кои ќе зборуваат за практичните чекори кои треба да се преземат, пред сѐ, за чествувањето на 4 февруари”, рече министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков.