Миленко Неделковски на 17 јануари на обвинителна клупа за ширење ксенофобија

Новинарот и водител, Миленко Неделковски, на 17 јануари 2019 година првпат ќе седне на обвинителна клупа како обвинет за ширење расистички и ксенофобичен материјал на интернет. На Неделковски ќе му суди судијата Марин Станевски, кој го суди случајот со смртта на малата Тамара. Неделковски, за кого е поднесен обвинителен предлог до судот е обвинет дека на 24.07.2018 година, преку компјутерски систем, во јавноста ширел ксенофобичен пишан материјал со кој промовирал омраза против група врз основа на етничка припадност.

Обвинетиот како јавна личност – новинар, на неговиот јавен профил на „Фејсбук“, објавил коментар по повод пожарот на грчкиот полуостров Атика во кој имаше човечки жртви. Неделковски, според обвинението, со коментарот промовирал омраза кон Грците како етничка група, кои биле засегнати од катастрофалниот пожар. За ова кривично дело, во Кривичниот законик, предвидена е казна затвор од една до пет години.

Во текот на истрагата, надлежниот јавен обвинител преку Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР, обезбедил документиран материјал за активноста од корисничкиот профил на обвинетиот на социјалната мрежа, како и други докази.

Обвинителството направило увид и во дадените коментари од други лица кон објавениот текст на осомничениот, но оценило дека од кривично-правен аспект постојат основи за постапување само против Неделковски, бидејќи тој врз основа на неговиот општествен статус и професијата што ја извршува, со објавата ги поттикнал останатите коментари во јавноста.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари