Мицкоски за ФАЦ: ГРУЕВСКИ И ВЛАДАТА ИМААТ „ВАЛКАН ДИЛ“ за уставни измени

Под наслов „Постојано нови барања за Македонија“, германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” донесува подолга статија на добриот познавач на регионот, новинарот Михаел Мартенс, кој водел разговор со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со пристапот на земјата кон ЕУ, објави Дојче веле на македонски јазик.
„Проширувањето на ЕУ повторно може да се ‘сопне’ на вето, зашто Бугарија ја блокира Македонија. Шефот на опозицијата во Скопје се жали дека Софија систематски ја минира македонската државност“, пишува весникот, потсетувајќи на бројните перипетии со кои е проследен македонскиот евроинтегративен пат.
Земјата направи многу за да почне пристапни преговори, на барање на Грција го промени името во 2018 година и од Македонија стана Македонија. Сега владата во Скопје е подготвена да се повини и на бугарското барање за влез во уставот на бугарското малцинство, но за уставни измени фали неопходното двотретинско мнозинство,“ пишува ФАЦ.
А со тоа пак ништо нема да се промени, го цитира ФАЦ лидерот на македонската опозиција и како што вели, можен иден премиер, Христијан Мицкоски во интервјуто за весникот, продолжувајќи:
„Неговата конзервативна партија ВМРО ДПМНЕ, која со месеци има јасна предност во сите анкети, е спремна дури и на поддршка на бугарското барање, но под еден услов. Мицкоски предлага ‘условена уставна измена’, која би била донесена, но на сила би стапила на денот кога Македонија ќе пристапи кон Европската унија: ‘Немаме ништо против Бугарите да бидат споменати во Преамбулата на нашиот Устав. Но, кој ни гарантира дека тоа е последното барање од Бугарија?’, прашува Мицкоски, отсликувајќи го не само темелниот дефицит на доверба кој во меѓувреме владее во однос на Бугарија, туку и кон ЕУ во целина,“ пишува ФАЦ.
За да издејствува уставни измени, владата подготвува валкани дилови, тврди Мицкоски.
Таа планира да му вети кривична неказнивост на во Унгарија побегнатиот поранешен премиер Никола Груевски за тој да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во Парламентот.
‘Груевски се наоѓа во тајна комуникација со владата’, тврди Мицкоски. ‘Владата верува дека може да ја подели нашата партија.’ Но, тоа нема да успее, уверен е шефот на опозицијата. ‘Направивме сѐ за нашата европска перспектива. Но, нам ни се поставуваат постојано нови барања’. На тоа сега е крај, доколку не биде прифатен неговиот предлог за одложена примена на уставните измени, тогаш нема да има никакви промени на Уставот,” дециден е Мицкоски во разговорот за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Целиот текст на Дојче веле на македонски јазик