Мицкоски тврди дека нема „пазарење“ со Заев за законот за јазици

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла како  шпекулации обвинувањата дека се „пазареле“ со Заев за законот за јазици. Бара тој да биде повлечен и да се формира работна група во која ќе бидат вклучени сите парламентарни партии. 

 Мицкоски тврди дека нема никаков „пазар“ како што се зборува во јавноста  за да се одблокира носењето на Законот за употреба на јазиците, а за возврат притворените за настаните во Собранието на 27 април да бидат ослободени.

– Такво нешто апсолутно нема. Ние како опозиција мораме да ја релаксираме политичката атмосфера во државата. Но, како што велат дел од претставниците на меѓународната заедница, најодговорна за овозможување на демократски амбиент и опозицијата да се чувствува комфорно е – владата. Владата е на потег, ние како опозиција сме тука ќе бидеме конструктивни – одговори Мицкоски на новинарско прашање во Стопанска комора на Македонија.

Во однос на изјавата на претседателот на Собранието, Талат Џафери дека наскоро се очекува решение за Законот за јазиците, Мицкоски порачува - решението е во тоа законот да се повлече од собраниска процедура. 

– Потребно е законот да се повлече од собраниска процедура, да се формира работна група и во неа би учествувале сите парламентарни партии, би ја повикале експертската јавност, претставници од МАНУ, на кабинетот на претседателот и да направиме тело кое би било уставно а потоа применливо. Ако некој навистина и мисли добро на националноста која е дел од Македонија, треба да води сметка и за чувствата на останатите националности кои живеат во Македонија – додаде Мицкоски.

На прашањето како ги оценува протестите за името Македонија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека неговата партија го поддржува уставно загарантираното право на секој, независно како е политички определен.

Од средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети закажана за во сабота, Мицкоски очекува дискусија за реалните проблеми и актуелната политичка и економска ситуација во земјата.

– Имаме ние наши факти и аргументи за многу прашања. Ќе видиме како ќе ги презентираме тие факти и аргументи, во насока на подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани зашто тоа е наша основна и елементарна цел – како од оваа земја да направиме подобро место за живеење. Гол популизам и ниски страсти нема да практикуваме во нашата политика, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани

Најнови вести

Коментари