Јасно е дека има договор, плаќаме прескапа карта за циркусот кој ни го сервираат, истакна вечерва на вонредната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Ова е веќе циркус, направија циркус од државата. Заев доста е.

Доста е со навреди на интелигенцијата на народот, човекот ве гледа во очи и ве лаже мака нема. Си играат мајтап, додека мафијата царува.

Денеска стана совршено јасно на секој граѓанин во Македонија дека имаат договор. Прво се договорија да избега, па се договорија да се врати, со посебен третман, со насмевка, со шамар за полицијата, судот, Обвинителството, со шамар за власта, вечерва недостасуваше уште да му се извинат, бидејќи тој им се извини на ним.

Тој е најдобра потврда дека постои криминална коалиција Зоран-Вице и Сашо. Ама домашниот есап, на пазар не излегува. Само жестока јавна реакција спречи целосно фијаско и бегство. Тешка хаварија, за само неколку десетици часови, го упропастија системот и по кој знае кој пат, поплукаа во правдата.

Според Мицкоски фактот што немаше полиција, а бегалецот се прошета покрај провладина телевизија говори дека се е договорено.

„Дека се е договорено и дека нема логика тоа што го тврди Зоран Заев дека наводно жестоко го притиснал и вратил бегалецот од правдата говорат следните факти.

Доброволно тој се прошета пред камерата на провладина телевизија, со прашање на новинарот кој сосема случајно се најде таму… ооо господине па вие сте овде… Полиција нема, ама камера има, каква сапуница. Наместо во суд, упат за куќен притвор доби во Обвинителството.

Бегалецот од правдата доби куќен притвор, наместо ефективен притвор, а Вилма рече дека истрага за бегство нема да има. Апсолутно се е јасно. И двајцата рекоа дека имале температура, можеби тие двајцата имаат, но народот нема“ рече Мицкоски во своето излагање.

„Народот добро знае што се случува и правда, конечна правда, ве гледам во очи и ви кажувам ќе има кога двајцата ќе бидат таму каде што заслужуваат, во затвор.

Сето ова што денеска се трудеше Зоран Заев да го каже и докаже пред македонската јавност и македонските граѓани дека институциите функционираат, излегува дека навистина часописот Економист бил во право кога велел дека владее хибриден режим.

Кога велеше дека ја ослободиле Македонија од режим лажеше и ја гледаше македонската јавност во очи. Кога заедно ќе прошетаме еве од Владата до Триумфалната капија во центарот на градот и ќе го погледаме заедно бројчаникот каде што ветуваше дека ќе стоеле милијарди украдени пари, а тој им стана ортак“ додаде Мицкоски.

Сите плаќаме прескапа карта за циркусот кој ни го сервираат, затоа што си играат со нашите судбини. Затоа наша заедничка обврска е на сето ова да му ставиме крај и уште пожестоко да работиме овој хибриден режим да го собориме. И набргу ќе го собориме.

Владата, владата ваква каква што е се клати и виси на конец и и доаѓа крајот, рече Мицкоски.