Мицкоски: Се подготвува новата програма на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната теренска средба со граѓаните во Босилово истакна дека примарна цел е како од реалните проблеми да се извлече поука и тие да се инкорпорираат во новата програма која се подготвува, а истото тоа да се презентира и пред граѓаните.

„Од една страна е лесно да седне некој со комисиите и со луѓето бирократски во канцеларија и да составите програма која што понатаму ќе треба да ја претставите пред јавноста и да ја преточите како ваша предизборна програма, која што може нема да даде соодветен одговор на проблемите на граѓаните. А, друго е доколку овие два сегмента, информацијата од терен и вашата програма ги соедините и тогаш сето тоа им го претставите на граѓаните како ваша изборна програма“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека како човек секогаш е практичар и дека теоријата и праксата се различни, но според него како што рече, доколку овие две нешта се спојат, тогаш успехот е загарантиран. „Мотивирани од тоа, тргнавме по Македонија, заедно со координаторите од Извршниот комитет и потсекретарите да можеме да ја презентираме нашата визија за Македонија, за периодот кој што следува, период кој што ќе изобилува со многу предизвици од секаков карактер, државнички, политички и економски, за кој што за жал ќе мора да понудиме соодветни решенија, бидејќи ова што и се случи сега на Македонија се граничи со лудило и терор“, потенцираше тој.

Мицкоски рече дека во изминатите 10 месеци не може да се сети на еден проект кој е реализиран од Владата на СДСМ, а е добра за граѓаните. Тој додаде дека лошата економска политика е само еден показател дека оваа влада не работи ништо добро за граѓаните.

„Македонија е убедливо закована на дното во Европа. Имаме цунами во економијата, поттикнато од Заев и Тевдовски. Единствена држава сме во Европа која што има нула раст на Бруто домашниот производ, индустриското производство ни е намалено за 4 проценти, странските директни инвестиции ни се намалени, намалија буџет за околу 150 милиони евра иако наследија полн буџет“, кажа Мицкоски.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари