Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го критикува за неактивност шефот на државата, посочувајќи дека тој не ги коментирал последните случувања во земјава, ниту презел нешто за енергетската криза која, според него, е и безбедносна.


 

-Пендаровски е исчезнат, јас не знам каде е освен што мене ме критикува по нарачка, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Страчинце, општина Гази Баба, одговарајќи на новинарско прашање дали би прифатил лидерска средба со оглед на последните случувања на политичката сцена.

-Лидерска средба секогаш може да се случи, но не гледам на која тема. Со кого сега да седнеме, со Пендаровски? Јас не сум го слушнал да излезе да побара да се обрати пред пратениците, да организира нешто, изјави Мицкоски.

Во врска со најавената реконструкција или избор на нова влада, Мицкоски рече дека ништо не очекува затоа што, според него, оваа гарнитура на власт е делигитимирана на локалните избори.

Пендаровски му возврати на Мицкоски: Не бев исчезнат кога сакаше да направи ново мнозинство

„За него не бев исчезнат додека се обидуваше да направи парламентарно мнозинство од 61 пратеник. Одеднаш, според него исчезнувам, откога му пропадна обидот да направи мнозинство од 61 пратеник,“ изјави денеска претседателот Стево Пендаровски во врска со последните обвинувања од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.