Мицкоски од Вељуса: Минуваат 10 месеци на понижувања и опустошување на економијата

Поминаа 10 месеци на понижувања, омаловажувања урнисување на сето она што било создавано, не само во оние 11 години додека беше ВМРО-ДПМНЕ на власт, туку на сето она што се создавало 27 години, па и на 45 претходно, па и векови наназад, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето обраќање во струмичкото село Вељуса.

„Имаме за жал, власт па и човек, за жал од овој крај што нема ни малку чувство за она што се вели нација, Македонија и сето она што е поврзано со нашиот народ и нашата држава се труди да го урниса со своите постапки“, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети на ветувањата за намалување на невработеноста, перспектива за младите, брзи странски инвестиции и како што рече, живот.

„За жал, ниту живот видовме, ниту подобар живот дојде. Видовме само осиромашување и катастрофа. Македонија е цврсто закована на дното по растот на БДП од 0%. Нема држава на Балканот вклучувајќи ги Албанија, Косово, Грција, Србија, Бугарија, нема држава во регионот со 0% раст на економијата како нашата. Нема држава во регионот која што има 100 милиони евра странски инвестиции помалку споредно со 2016-тата година“, рече Мицкоски.

Претседателот на опозициската партија констатираше дека во земјава се случува катастрофа.

„Имаме поништување на развојни постапки кои што претходните им ги оставиле. Имаме стопирање на градежниот сектор за 30% помалку од тоа што било порано. Имаме 30% помало индустриско производство од она што било помалку од претходното. Имаме катастрофа во економијата што ни се случува. Ниту платите ги покачија до 30 илјади денари, ниту пак докторите имаат 100 илјади денари месечно, ниту пензионерите добија 10% повисоки пензии како што ветуваа, а ниту земјоделците добија повисоки субвенции од она што го ветуваа. Ниту животот дојде, ниту реформите се случија во здравството, ниту во образованието ниту пак имаат намера тоа да го прават“, истакна Мицкоски.

При обраќањето во Вељуса рече дека сите овие работи ги кажува како граѓанин на оваа држава и универзитетски професор кому му поминале илјадници студенти низ раце.

„Секојдневно добивам пораки, дали тоа биле мои пријатели, дали мои поранешни студенти, дека на ова зло мора да му дојде крајот. Првата моја задача откако ја превземав улогата на претседател на ВМРО-ДПМНЕ е како на светот да му докажеме дека ВМРО-ДПМНЕ е современа партија и е столб на државноста во Република Македонија и дека има просперитетни идеи и дека нуди развој на Република Македонија односно да ја извадиме од изолација. Поминав многу центри. Поминав во Вашингтон, Будимпешта поминавме секаде низ регионот бевме во Белград, Загреб, Љубљана, Софија ќе поминеме уште неколку центри во меѓувреме ќе поминеме во Париз и Берлин. Тоа беше нашата мисија, како ВМРО-ДПМНЕ да ја извадиме од онаа магла од онаа завеса која беше создавана на неприципилен начин од истите оние луѓе кои и го правеа ова на Република Македонија. И успеавме да им докажеме и во Вашингтон и во Брисел и во Лондон, Париз, Берлин дека ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот, дека ВМРО-ДПМНЕ е партија за народот и дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која може да биде гарант за развиена и економски силна Република Македонија“, подвлече Мицкоски.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари