logo
logo
logo

Мицкоски: Илјадници луѓе се заведени во избирачкиот список со два различни матични броја

Vecer | 15.04.2021

Мицкоски: Илјадници луѓе се заведени во избирачкиот список со два различни матични броја


Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите обелодени нов скандал со назив „Мафија 2“ кој се однесува на злоупотреба на институциите при што едно исто лице е заведено со по два матични броеви.

Според неговата информација, добиена од свиркачи, во Македонија има најмалку 20.000 лица што имаат по два ЕМБГ.

Тој го повика министерот за внатрешни Оливер Спасовски и надлежните институции да одговорат како и кога се издадени овие двојни матични броеви, кои, според него, се користеле за разни злоупотреби пред се за гласање на избори, затоа што овие лица постојат во избирачкиот список.

„Покрај аферата „Мафија“, каде структури на власта издавале документи за идентификација на криминални структури, на познати балкански босови, во оваа афера може да се види дека едни исти лица имаат два матични броја. Како што може да се забележи едно исто лице со двоен матичен број го има по два пати во Избирачкиот список. Според проверките во избирачкиот список истото лице е регистрирано на неговото вистинско име, вистинска адреса, а вториот пат е регистрирано на друго лице во друга Општина, при што првичните броеви се исти, а последните три се различни. Конкретно при проверката на терен за лицето Џадин Адемовски кој на една адреса се води во Чаир, а на другата во Сарај, кога го побаравме Џадин на првата адреса, таму ни кажаа дека овој човек не живее тука, дека не постои такво лице. Ова е класична злоупотреба на институциите и тежок криминал, за кој треба да се сноси одговорност“, рече Мицкоски.

Тој јавно праша како може да постои вакво нешто, кога во 2016-та година на барање на тогашната опозиција беше прочистен избирачкиот список, а министер беше Оливер Спасовски.

Дополнително, на новинарско прашање зошто од ВМРО-ДПМНЕ кое учестуваше во акцијата за прочистување на избирчкиот список, не реагирало тогаш Мицкоски рече: „Или во 2016-та година не бил прочистен избирачкиот список како што треба или што е полошо и остава сомнеж овие матични броеви се впишувани во последните 4 до 5 години заради криминални дејства во кои власта директно учествувала. Трето објаснување нема. Затоа наместо Спасовски да се занимава од каде ми се овие информации нека се заземе да го истражи случајот и да излезе со конкретни одговори. И да не се правда пред јавноста дека оваа било проблем од 86-та година, затоа што списокот се прочистуваше, а тој цело време е министер, тогаш се наметнува прашањето колку вакви избирачки списоци потпишал? Освен тоа симптоматично и како 100.000 обрасци му недостасуваат на директорот на Упрвата за водење на матичните книги. Остава отворен сомнеж дека оваа операција се случувала во последните 4 години, при што само последните три бројки се менувани, а некој најверојатно тоа го правел намерно и со конкретна цел“, објасни Мицкоски.

Мицкоски додаде дека издавањето дипликат матични броеви е поврзано со скандалот „Мафија“, со цел да им се помогне на криминални босови како Седат Пекер и водачот на шкаљарскиот клан Јовица Вукотиќ кои поседувале фалсификувани патни исправи издадени во Македонија.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk