logo
logo
logo

МИЦКОСКИ ГО ДОТЕРА КОВАЧЕВСКИ ДО ЅИД: Доста е од празни приказни и демагогии, до Европа со европски правила

Vecer | 07.06.2023

МИЦКОСКИ ГО ДОТЕРА КОВАЧЕВСКИ ДО ЅИД: Доста е од празни приказни и демагогии, до Европа со европски правила

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по завршувањето на лидерската средба со првиот човек на СДСМ, премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите го повтори ставот за уставните измени. Тој му рекол на Ковачевски дека 44-те пратеници од ВМРО-ДПМНЕ нема да прифатат отворање на Уставот под диктат.

„Разговаравме за предлози кои што ги даде Ковачевски и би го издвоил: во рамките на Парламентот да почне дискусија и се изгласа потребата за промена на Уставот, а потоа да биде формирана Влада во која што од 10-те ресори кои ги има СДСМ, 5 да бидат на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат завршени уставните измени, да отпочне процесот на преговори.

Денес добивме потврда дека преговорите со ЕУ не почнале, но ете со прифаќањето на измените потоа да бидат затворени можеби едно, две или три поглавја. На оваа понуда која што е позиција на Ковачевски, кажав во ред и реков дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвен во Влада со СДСМ и останатите партии, но без учество на ДУИ, рече Мицкоски.

Мицкоски имал и контрапредлог :

Да одиме на предвремени парламентарни избори кои што ќе се одржат на, три дати дадов како предлог, на есен генерално, да се формира влада на широко национално единство во која што нема да биде дел Демократската унија за интеграција и бидејќи ниту една земја членка на ЕУ нема против со македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонскиот јазик, тогаш еве јас сум подготвен да разговарам со неколку премиери на земји членки на ЕУ на следниот состанок на Европскиот Совет, да изгласаат потврда, гаранција за сето ова кое што ние го збориме па да видиме дали е навистина така како што ни велат дека е така, имајќи предвид дека сега и Бугарија има легитимна влада избрана од Националниот парламент таму.

И со тој документ да дојдеме пред македонските граѓани и да кажеме еве овој пат Европа застанува позади многувековниот македонски идентитет, култура, традиција, обичаи, македонски посебен јазик и дека овој пат конечно Европа има чиста и јасна цел пред себе Македонија да биде дел од европското семејство.

Потоа, да побараме од страна на претседателот на Европската Комисија определен економски пакет за македонските граѓани и за бизнисот да го подготвиме во процесот на преговори затоа што тој мора да биде конкурентен на европскиот пазар, да може да ги задржи луѓето тука, бидејќи знаете дека миграцијата, иселувањето е големо.

И трето, имајќи предвид дека состанокот покрај евроинтеграции беше и за добрососедство, а добрососедството значи двосмерна улица, не едносмерна, значи и нашите соседи треба да бидат добри соседи. Јас би сакал да бидам добар сосед со нашиот источен сосед, со Бугарија и од оние 14, 13 веќе завршени судски случаи пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур од коишто 6 се конечни и веќе во септември треба Бугарија да ги имплементира, да одбере 3, Бугарија да одбере 3 и тие 3 да ги примени. Еве Бугарија да одбере 3, нема ние да ги бираме.

Од овие 6 за коишто постои во моментов од Советот на министри при Советот на Европа кон Бугарија ултиматум дека ќе следат санкции, да избере 3, само 3 и истите тие да ги примени и тогаш ќе речеме добро е, навистина постои нов ветар кај нашиот источен сосед, има добрососедство и нашинците во тој дел од земјата, односно во тој дел од Балканот, во Бугарија ќе можат да се почуствуваат дека некој во нивната матична држава стои позади нив.

Тоа тој во овој момент (СДСМ Ковачевски), не го прифатија, бидејќи тоа значело промена на преговарачката рамка итн., но претпоставувам дека вие ќе можете да поразговарате малку повеќе со него кога ќе дојде овде, н јас не гледам тука дека има промена на преговарачка рамка.

Бараме гаранции, бараме пакет, и бараме грижа, онашто им следува на нашинците во Бугарија и она коешто веќе го досудил Европскиот суд за човекови права и за што постои ултиматум пред санкции од Советот на министри при Советот на Европа – рече Мицкоски после лидерската средба.

Мицкоски рече дека средбата е неуспех, покажала дека владата не обезбедила 80 пратеника за поддршка на уставните промени, но сепак рече дека добро е што средбата се одржала, затоа што досега немало никаква комникација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk