Мицкоски до Заев: Победи го стравот, наместо на фингиран ајде на вистински ТВ дуел

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски оствари средба со граѓаните и членовите на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Неготино. Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која ќе ги штити националните и државните интереси на Република Македонија и нејзините граѓани потенцирајќи дека партијата својот легитимитет го црпи од народот. Тој додаде дека владата на Заев прифатила уставни амандмани напишани од грчката страна и истите ги крие од јавноста.

,, Премиерот и министрите говорат за уставни амандамни кои ниту ги соопштија на јавноста, ниту со некого се консултираа, што укажува дека повторно нешто кријат отворајќи ја дилемата дали има нешто повеќе од тоа што го читаме во капитулантскиот договор, а се крие во уставните амандамни”, истакна Мицкоски.

Пред присутните, Мицкоски додаде дека голем број на граѓани не се согласуваат со штетните и катастрофални политики на СДСМ и Зоран Заев, а тоа може да се види и преку празните плоштади и покрај скапата кампања која е платена од џебот на граѓаните.

Мицкоски му порача на Заев да не бега од ТВ дуел со него и да собере храброст и сила да излезе пред граѓаните и на дебата да ги соочат ставовите и вистината за референдумот, но и за сите криминални тендери, корупција и хаос кој што се случува во државата, а за која што одговорен е СДСМ и Заев.

,,Стравот е кај него и никако не може да го победи и да излезе на ТВ дуел со мене, па за да можеме заедно пред граѓаните на нашата татковина да зборуваме за тоа зошто овој договор е капитулантски , но ќе зборуваме и за сите оние криминали, за сите оние лукративности, за сите оние лаги, за сето она коа што беше ветувано а не беше реализирано и во 2016 година, но и сега во 2017. Затоа му реков победи го стравот еднаш во животот твој и ајде да излеземе заедно на дебата, на телевизија каде што ќе ги немаш сите оние скапо платени советници и сите оние скапо платени телевизиски реклами да те штитат, јас и ти, очи во очи, гради во гради да дебатираме за вистинската вистина за Македонија, па народот нека одлучи дали ти си бил во право или јас сум бил во право кога сум бил чесен, принципиелен и искрен со моите сограѓани”, изјави Мицкоски.

Тој на Заев му порача да ги остави оние монтирани дебати што ги закажува неделава што следи на еден национален медиум, каде Заев и заедно со двајцата негови потпретседатели Шекеринска и Османи ќе глуми ТВ дуел и ќе дебатира за розевата манипулативна слика, така фингирајќи дебата.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари